Астрономите идентификувале објект кој може да претставува најладна и најбледа ѕвезда од категоријата на бело џуџе досега забележана. Оваа ѕвезда е толку ладна, што нејзиниот јаглерод е кристализиран – многу слично на дијамант.
Белите џуџиња претсавуваат ѕвезди кои се во последниот стадиум. Овие ѕвезди колабирајќи оформиле екстрмно густи објекти со огромни температури и димензии, близу оние на Земјата и истите се состојат главно од јаглерод и кислород. Иако овие објекти можат да бидат масивни колку Сонцето, тие се толку густи што ги имаат димензиите на нашата Земја. Откако ќе го потрошат своето нуклеарно гориво, белите џуџиња ќе продолжат да се ладат и да бледнеат во наредниот период од милијарда години. Овој процес го очекува и нашето Сонце.
Забележувањето на толку бледи објекти е навистина тешко. За реализирањето на оваа задача биле потребни здружени опсервации, кои ги вклучуваат Грин Банк Телескопот во Западна Вирџинија и радио Телескопите во Мауна Кеа (Very Long Baseline Array). Трудот кој е воден од страна на Дејвид Каплан од Универзитетот Висконсин-Милвоки успеал во забележувањето на овој објект, заради тоа што истиот се наоѓал во бинарен систем на ѕвезди.
11 милијарди години старото и ладно бело џуџе било откриено заедно со својот бинарен партнер, пулсарот PSR J2222-0137. Пулсарите претставуваат неутронски ѕвезди кои извршуваат брзи ротации, кои се како последица од експлозијата на масивни ѕвезди во форма на супернова. Како што овие ѕвезди ја извршуваат својата ротација, снопови од радио-бранови се ослободуваат од магнетните полови на овие неутронски објекти. Како што сноповите поминуваат во насока на Земјата, нашите радио-телескопи можат да го забележат пулсот на овие бранови.
Впрочем, истражувачите најпрво го забележале пулсарот. Овој објект ротирал повеќе од 30 пати во секунда и изгледал дека е под гравитациско влијание од страна на придружничка ѕвезда, за која на почетокот се претпоставувало дека е само уште една неутронска ѕвезда. Двете тела орбитираат еден околу друг во период од 2.45 денови. Набљудувањата на овој пулсар во наредните две години ја откриле локацијата и растојанието на овој објект: 900 светлински години оддалеченост од нашата Земја во насока на соѕвездието Водолија (Аквариус).
Преку проучувањето на гравитациското влијание од бинарниот придружник и неговите ефекти во искривувањето на просторот и прекините на радио-сигналот, тимот успеал да ги пресмета масите на пулсарот (1.2 пати од масата на Сонцето) и неговиот придружник (1.05 пати од масата на Сонцето). По добивањето на овие резултати тимот сфатил дека вториот објект не може да претставува неутронска ѕвезда. Орбитите на овие тела не се вклопуваат во систем каде настанала додатна експлозија на супернова.
„Последната слика требаше да ни покаже придружник кој е 100 пати поблед од било кое друго бело џуџе, кое орбитира околку неутронска ѕвезда и е 10 пати поблед од било кое друго бело џуџе, но сепак на сликата ништо такво не се забележува,“ вели Барт Дунлап од Универзитетот во Северна Каролина. „Доколку на оваа локација постои бело џуџе, а скоро е сигурно дека постои, тогаш ова тело е екстремно ладно“.
Колку за претстава, белото џуџе не би можело да има температури повисоки од 2700 Целзиусови степени, додека во центарот на нашето Сонце е 5000 пати потопло. Астрономите веруваат дека ваков ладен и древен остаток од ѕвезден објект би се состоел главно од кристализиран јаглерод – што во суштина го прави дијамант.
Превод: Бојан Андоновски
Извор: IFLS