Испакнатините кои се издигаат високо над површината на Марс предизвикуваат вчудоневиденост кај научниците кои ја истражуваат атмосферата на Црвената Планета. Два пати во текот на 2012 година аматерските астрономи забележале испакната форма која се развива на Марс. Овие појави се издигнуваат над 250 км над Марс, а како за споредба слични вакви појави од минатото не достигнувале повеќе од 100 км.
Појавите се развиле во текот на помалку од 10 часа, покривајќи површина од 1000 x 500 km и останала видлива околу 10 дена, менувајќи ја структурата со текот на времето.
Ниту едно од леталата кои орбитираат околу Марс досега не ги имаат забележано овие појави. Но, со проверка на снимките од Хабл направени помеѓу 1995 и 1999, како и на аматерски снимки направени од 2001 до 2014 година се откриваат повремени појавувања на високи облаци над површината на Марс, вообичаени со висина до стотина километри.
Но, на една од снимките од 1997 година се забележува невообичаено висока испакнатина, слична на онаа забележана во 2012 од страна на астрономите аматери.
Научниците работат на утврдување на природата на овие испакнатини со анализа на веќе добиените снимки од Хабл и аматерите. Една од идеите е дека станува збор за рефлективен облак на замрзната вода, јаглероден диоксид или прашина. Но, во овој случај за да се објаснат појавите на облаци на толкави висини ќе мора да се подразбират и огромни отстапки од досегашните стандардните атмосферски модели.
Следната идеја за објаснување на овие појави е нивната поврзаност со аурорите, кои веќе биле откриени на овие локации познати по големите аномалии во магнетното поле. Следните поконкретни истражувања ќе може да се направат кога ќе пристигне орбитерот на ЕСА, ExoMars Trace Gas Orbiter, чие лансирање е планирано за 2016 година.
Превод: Михаела Стојанова
Извор: phys.org