Прстените на Уран се невидливи, освен со најголемите телескопи-тие не беа откриени дури до 1977 година, но се изненадувачки светли во новите топлински снимки од планетата направени со два големи телескопа во пустините на Чиле.
За астрономите термичкиот сјај претставува нов видик кон прстените, кои инаку се видливи само затоа што одразуваат малку светлина во видливиот, или оптички опсег и во близина на инфрацрвеното зрачење. Новите слики направени со Atacama Large Millimeter Array (ALMA) и Very Large Telescope (VLT) овозможија научниците за прв пат да ја измерат температурата на прстените. Таа изнесува 77 келвини, или 77 степени над апсолутната нула- температура на вриење на течен азот и еквивалентна на 320 степени под нула фаренхајт.
Наблудувањата исто така потврдуваат дека најсјајниот и најгустион прстен на Уран, прстенот епсилон, се издвојува од другите познати системи на прстени во нашиот Сончев систем, особено од прекрасните прстени на Сатурн.
“Прстените на Сатурн се широки, светли и имаат опсег од големини на честички, прашина од микрометар во Д прстенот, па се до големини кои достигнуваат десетици метри во главните прстени”, вели Имке де Патер, професор по астрономија во Калифорнискиот универзитет, Беркли. “ Додека пак главните прстени на Уран, како епсилон, се составени само од камења со големина на топка за голф и поголеми”.
За споредба, прстените на Јупитер во најголема мера содржат мали, микронски честички. Прстените на Нептун, исто така, во главно се прашина, па дури и Уран има прашина помеѓу главните прстени.
“Веќе знаеме дека прстенот епсилон е малку чуден, бидејќи не содржи помали нешта, како што е прашината”, вели студентот Едвард Молтер. “Нешто ги брише помалите работи, или пак тие се соединуваат, не знаеме. Сепак ова е чекор напред кон разбирање на составот на прстените и дали сите прстени доаѓаат од истиот изворен материјал, или тоа е различно за секој прстен”.
Прстените би можеле да бидат поранешни астероиди заробени од гравитацијата на планетата, остатоци од природни сателити кои се судриле меѓусебе и се распрснале, остатоци од природен сателит кој премногу се доближил до планетата и така се распарчил или остатоци од формирањето на Уран пред 4,5 милијарди години.
Новите податоци беа објавени во The Astronomical Journal (Астрономскиот Весник). Де Патер и Молтер ги предводеа наблудувањата со ALMA, додека Мајкл Роман и Ли Флечер ги предводеа наблудувањата со VLT.
“Прстените на Уран се различни по состав од главниот прстен на Сатурн, во однос на оптичкиот и инфрацрвен спектар, каде албедото е многу помало. Ти се исто така потенки во споредба со прстените на Сатурн. Најширокиот прстен на Уран-епсилон, варира од 20 до 100 километри во ширина, додека тие кај Сатурн се десетици и стотици илјади километри широки”, вели Молтер.
Недостатокот на честички со големина на прашина во главните прстени на Уран беше за прв пат забележан кога Војаџер 2 прелета до планетата и ги фотографираше прстените. Сепак, ова вселенско летало не беше во можност да ја измери нивната температура.
VLT и ALMA беа дизајнирани да ја проучуваат температурната структура на атмосферата на Уран, со тоа што VLT испитува пократки бранови должини од ALMA.
“Многу е кул што можеме да го сториме тоа со инструментите што ги имаме. Јас само се обидував да ја сликам планетата најдобро што можев и ги видов прстените. Беше прекрасно”, вели Флечер.
Ова претставува возбудлива можност за телескопот James Webb Space Telescope, кој ќе може да обезбеди значително подобрени спектроскопски податоци за прстените на Уран во следната деценија.
Превод: Дефне Еминовска
Извор: phys.org