„Ураган“ од темна материја претставува добра прилика за пронаоѓање на аксиони

0

Заслуги: Ц. О’Хаер; NASA/Џон Ломберг, преку Physics

Тим од истражувачи од Universidad de Zaragoza, Кралскиот Колеџ во Лондон и Институтот за Астрономија во Обединетото Кралство открија дека „ураган од темна материја“ кој минува низ нашиот сончев систем нуди шанса, подобра од вообичаените за откривање на аксиони. Во нивниот научен труд објавен во списанието Physical Review D, групата објаснува за нивните пронајдоци и зошто тие веруваат дека нивните набљудувања би можеле да допринесат во разбирањето на темната материја.

Доказите за постоењето на темната материја се многу убедливи, сепак научниците сеуште не можат да откријат начин и истата да ја „видат“. Како резултат на ова, научниците бараат нови начини за детектирање на темна материја. Во овој нов труд, истражувачите го проучуваат протокот S1 – колекција од ѕвезди кои се движат на начин кој укажува дека во минатото тие биле дел од џуџеста галаксија која била присвоена од Млечниот Пат.

Минатата година, тимот што ги проучуваше податоците од сателитот Гаја, го откри протокот S1. И претходно беа набљудувани вакви протоци, но сега, за прв пат, патеките на нашиот соларен систем и протокот S1 си ги вкрстуваат патиштата. Во овој труд, истражувачите го проучуваат можниот судир со S1, бидејќи нуди неповторлива можност за проучување на темната материја.

Како што S1 се движи низ нашата област, теоријата предлага дека и темната материја би требало да се движи заедно со протокот. Пресметките на тимот укажуваат дека протокот се движи со приближно 500 km/s. Тие дизајнираа неколку модели кои ја опишуваат распределбата на темната материја и нејзината густина. Овие модели овозможиле да се направи предвидување за можните потписи на протокот кои истражувачите би ги барале. Тие предлагаат дека овој настан нуди шанса, посигурна од вообичаената, на оние кои работат во полето на набљудувачки доказ за темната материја, но веројатноста WIMP детекторите да најдат нешто невообичаено е мала.

Сепак, присуството на ураган од темна материја ги зголемува шансите за откривање на аксионска црна материја поради можните испакнатини во широкиот спектар на аксионите. Тие додаваат дека проучувањето на сегашната бура може да нуди податоци за идните системи за детекција кои се понапредни од оние кои ги користиме денес.

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: Phys.org

Сподели.