Замислете две блиски егзопланети кои орбитираат околу исто сонце, секоја со своја домородна цивилизација. Тие би патувале низ историјата или како сопатнички соседи или како смртни ривали. Ова е познато сценарио во научна фантастика, но дали навистина може да се случи?
Со растечкиот број на населиви егзопланети кои се откриваат, ова може да се чини како возможно сценарио. Нова студија, го истражува ова прашање со испитување на дел од условите кои би влијаеле на животот во сончев систем со две населиви планети.
Истражувачите беа поттикнати од откривањето на Кеплер 36б и Кеплер 36ц, двете познати планети на ѕвездата Кеплер 36. Орбиталното растојание на овие планети од нивната ѕвезда се разликува за само 10 проценти, што ги прави екстремно блиски соседи.
Внатрешната планета прави 7 орбити за време потребно на надворешната планета да направи 6 орбити. Ова значи дека на секои ваши 6 или 7 години (зависно од тоа на која планета живеете), вашата соседна планета поминува блиску до вас.
Диви нишања?
Истражувачите најпрво се запрашале дали овие периодични блиски преминувања би влијаеле врз наклонетоста на оската на било која од планетите. Ова е значајно од аспект на живот, бидејќи големи флуктуации во наклонувањето на оската би довеле до драстични климатски варијации. Иако ова не е фатално за микробен живот, ги намалува шансите за развој на комплексен живот, и многу отежнува воспоставување на долготрајна цивилизација.
Во случајот на Кеплер 36б или 36ц, многу е неверојатно да постои живот, бидејќи се многу блиску до нивната ѕвезда и температура на површината од приближно 1000 степени Целзиусови.
Научниците анализирале хипотетички пар од планети слични на Земјата во резонанса 3:2, двете во рамките на зоната погодна за живот на нивната ѕвезда каде би можело да се задржи течна вода на површината.
Во полза на комплексен живот, тие откриле дека ниедна од планетите не би имала големи варирања во наклонетоста на оската како резултат на нивната близина.
„Возење на камен“
Ако претпоставиме дека постои живот на една од нив, научниците сакале да дознаат дали би се проширил и на другата. Добро е утврдено дека микроби кои живеат на камења може да го преживеат шокот од ударот што би ги исфрлил од планета, по што би следеле години во вселената, и потоа премин на површината на друга планета. Во еден експеримент изведен во 1990 година од примероци земени од вселенско летало, 30% од бактериите вгнездени во кристали на соли преживеале после 6 години во вселената.
Теоретскиот концепт на ширењето на животот од еден на друг свет се нарекува „панспермија“, а кога тоа вклучува патување во камен, се нарекува „литопанспермија“.
Истражувањето покажало дека литопанспермија би било значително лесен метод помеѓу планети со орбитална резонанса од 7:6, 6:5, 4:3 и 3:2. Тие често би поминувале блиску една до друга, така што остатоци од удар одлетани од едната планета би имале големи шанси да слетаат на другата после релативно кратко вселенско патување. Ова значи дека доколку би се развил живот на една ваква планета, лесно би се проширил на другата.
Но каков вид на организми би преживеале? Иако мали безрбетници наречени Tardigrada биле успешно оживеани по изложување на вакуум во вселената, неверојатно е дека тие би го преживеале шокот од ударот или би издржале долго во вселената. Се чини дека најверојатно е едноклеточни микроби да се најуспешни меѓупланетарни патници.
Интересно е тоа дека ако пронајдеме живот на Марс ќе биде значајно да утврдиме дали се развил независно од животот на Земјата, или се проширил од една на друга планета со помош на метеорити…
Цивилизации близначки?
Сепак, скокот од микробни предци до домородна интелигенција на светови близнаци би бил огромен. На животот на Земјата му биле потребни две милијарди години да стигне од микроби до повеќеклеточни организми, а уште милијарда години за развој на интелигенција и способност за патување низ вселената. Со оглед на овие огромни временски рамки, би била неверојатна коинциденција ако се развијат интелигенција и технологија на двата света во ист период од милион години, и покрај заедничките предци и/или размената на микроби.
Видео за Земја-Марс „литопанспермија“
Така, сонот или кошмарот за домородни цивилизации на сестрински светови е многу неверојатно да се оствари. Битија од првиот свет кои се способни да развијат вселенски патувања, веројатно е да одат надвор во потрага по атмосфера и клима што може да ја толерираат, и можеби храна што можат да ја јадат, но не би пронашле некој со кој може да развијат конверзација.
Превод: Биљана Велинова
Извор: Phys.org