Во март 2006-та година, учествував во експедицијата организирана од страна на Скопското Астрономско Друштво за набљудување на тоталното затемнување на Сонцето во Сиде, Турција. Кога заврши затемнувањето, првата мисла што ми дојде напамет беше „Кога ќе биде следното целосно затемнување?“.
Целосно затемнување на Сонцето се случува Месечината минува помеѓу Сонцето и Земјата, и притоа Месечината целосно ja блокира светлината од Сонцето. На 21-ви август, голем дел од Соединетите Американски Држави ја имаа можноста да видат тотално затемнување на Сонцето, почнувајќи од државата Орегон па се до Јужна Каролина.
Ја имав среќата да бидам во посета на Универзитетот на Стенфорд, па беше добра прилика да се отиде до Орегон. Заедно со мојот колега од Стенфорд, отидовме со кола и кампиравме во некоја шума блиску до Ochoco Lake County. Преживеавме 15 часа возење и посета од мечка блиску до шаторите во ноќта, но дефинитивно вредеше!
Опремата што ја имав со мене беше наочари за наблудување на Сонцето, мал двоглед и Canon 350D со различни објективи, вклучувајќи EF 75-300mm. Се разбира, пред тргнувањето се обезбедив со сончеви филтри од Баадер планетариум за двогледот и за објективите.
Ова се дел од фотографиите од затемнувањето:
Текст: Тања Петрушевска