На 22-ри мај годинава заедно со Мартин Стојановски и со Александар Алексов имавме многу убави моменти при снимањето на транзитот на Меѓународната вселенска станица (МВС) преку дискот на Сонцето. Сѐ за овој настан можете да прочитате тука.
Во исто време додека ние сликавме од Расадник, Мартин Димитриевски сликаше од Ново Лисиче и од сликите во извештајот може да се види разликата во позицијата на МВС преку дискот од Сонцето.
Мартин Димитриевски направи убав приказ како изгледа трагата на Сонцето низ делот од Скопје, како и на позициите од каде што ние сликавме. Зелената и виолетовата линија ги означуваат крајните рабови на Сонцето. Црвената линија е патеката на МВС гледана од Расадник каде што бевме ние тројца, а сината линија каде што помина МВС гледано од позиција каде што беше Мартин Димитриевски. Ова е интересен агол на гледање на еден транзит.
Сликата ја направи Мартин Димитриевски.
Чекаме следен транзит за да направиме слична споредба со некој друг сателит и друг небесен објект.
Текст: Радан Митровиќ