Теоретската фузија на кваркови до 8 пати помоќна од водородната фузија

0

Пар истражувачи од Универзитетите од Тел Авив и Чикаго пронашле докази од кои произлегува дека фузијата на кваркови може да ослободи многу повеќе енергија отколку што претходно се сметало. Во нивниот научен труд, објавен во списанието Nature, Марек Карлинер и Џонатан Рознер опишуваат колкаво количество на енергија се ослободува при спојување на различни видови на кваркови.

Теоретската фузија на кваркови до 8 пати помоќна од водородната фузија

За да се дознае повеќе за субатомските честички, научниците во Големиот Хадронски Судирач (LHC – Large Hadron Collider) предизвикуваат движење на атоми со огромни брзини и нивно меѓусебно судирање. Последицата од таков судир е разложување на атомите на нивните составни делови, притоа овозможувајќи им на научниците да ги проучат. Овие составни делови се нарекуваат кваркови. Претходно истражување покажало дека кога атомите во Судирачот се удираат еден од друг, честичките од распадот на атомите можат да се спојат со други честички и од тој процес настануваат таканаречените бариони.

Претходен труд покажал дека за да се фузираат два кварка, потребна е енергија. Проучувајќи ги својствата на таквото фузирање, поточно фузија на два Ц-кваркови, научниците откриле дека била потребна сила од 130 MeV (Мегаелектронволти), за нивна успешна фузија, при која се ослободиле 12 MeV повеќе отколку што биле вложени. Заинтересирани од ова откритие, тие се фокусирале на фузирање на долните кваркови кои се многу потешки и според нивните пресметки се покажало дека потребни се 230 MeV за нивно фузирање, но и дека при тоа се ослободуваат 138 MeV повеќе, што е бројка од околу 8 пати поголема од онаа при водородна фузија. Поради овој факт, научниците се двоумеле за објавувањето на ова откритие, знаејќи дека водородната фузија е срцето на хидрогенските (водородни) бомби. Но, понатамошни пресметки покажале дека верижна реакција би била невозможна, бидејќи кварковите постојат во екстремно мали временски периоди, околу една пикосекунда, која не е доволна за да се префрли реакцијата врз други кваркови. Битно е да се напомене дека овој труд е чисто теориски. Фузија на долните кваркови би требало да е технички возможна во Големиот Хадронски Судирач.

Превод: Бобан Панов

Извор: Phys

Сподели.