Светлината од експлозија на супернова во блиската галаксија М82, каде има интензивно создавање на нови ѕвезди, сè уште се одбива од огромен облак од прав во меѓувездениот простор. Суперновата, наречена SN 2014J, настанала во горниот десен дел на М82, а била откриена на 21-ви јануари 2014-та година. Од прикажаните фотографии може да се види светлинскиот прстен предизвикан од експлозијата како се шири низ меѓуѕвездениот простор – феномен наречен светлинско ехо. Фотографиите се направени во периодот од 10 месеци, до две години по самиот настан (6.11.2014 – 12.10.2016). Светлината се одбива кон Земјата од огромен облак од прав со големина од 300 до 1600 светлински години.
SN 2014J, класифицирана како супернова тип Ia, е најблискиот настан од овој вид во последните 40 години. Овој тип на супернова се случува во двоен ѕвезден систем, составен од бело џуџе и ѕвезда-придружничка. Експлозијата настанува како резултат на преголемо количество материја кое е преземено од страна на белото џуџе од ѕвездата придружник.
Сликата од галаскијата M82 ни прикажува светол син диск, мрежа од исечени облаци и огнени јазици составени од водород кои го напуштаат нејзиниот централниот регион. Блиските средби со соседната спирална галаксија М81 доведуваат до депонирање на гас во M82, кој го потикнува создавањето на повеќе ѕвездени јата. Некои од овие ѕвезди постојат само одреден краток период пред да завршат како супернови, како и SN 2014J. Оддалечена 11,4 милиони светлински години, M82 може да се пронајде високо на северното пролетно небо во насока на соѕвездието Голема Мечка. Исто така е позната и како галаксија Пура, поради елиптичниот облик предизвикан од поставеноста на нејзиниот ѕвезден диск во однос на нашата положба на набљудување. Сликата од M82 е направена во 2006 од Хабловата Напредна камера за набљудување, исто како и фотографиите од светлинското ехо.
Превод: Максим Осман-Николов
Извор: Phys