Чуден објект: Стефанов квинтет

0

Некоја есенска вечер, земете една паричка и држете ја со исправена рака кон соѕвездието Пегаз. Зад таа монета можеби се крие најпознатото галактичко јато на небото.

stefan

Стефановиот квинтет на галаксии со години е во фокусот на една голема контроверзија во врска со црвеното поместување. Астрономите се сигурни дека галаксијата во долниот лев агол е околу 10 пати поблиску до нас од другите.

За прв пат видени од францускиот астроном Едуард Жан Мари Стефан во 1877 година, петте галаксии, познати како Стефановиот квинтет, ја сочинуваат првата компактна група што некогаш е откриена. Сепак, во 19 век никој сè уште не знаел дека овие нерамномерно распределени замаглувања се многу повеќе од обични облаци од гас во нашата галаксија Млечен пат. Со создавањето на подобри телескопи и со спектроскопијата, астрономите конечно забележале дека тие всушност содржат неколку милијарди ѕвезди. Но, се појавуваат чудни мистерии во врска со овие објекти.

Мистериите се однесуваат на црвеното поместување, најважниот доказ за оддалеченоста на една галаксија. Црвеното поместување- промена во брановата должина на светлината што едно тело ја испушта додека се оддалечува од нас- укажува на тоа со колкава брзина објектот се движи во нашиот универзум кој се шири. Замислете си балон со точки. Како што се шири универзумот (балонот), така галаксиите (точките) се оддалечиваат една од друга. Некоја точка во близина на онаа на која што “живеете” ќе се оддалечува полека од вас, додека пак точките кои што се подалеку од вас ќе се оддалечуваат многу побрзо.

Галаксиите во Стефановиот квинтет се чини дека се физички поврзани, така што би требало да прикажуваат слично црвено поместување. Не само што навидум изгледаат дека физички се блиски еден до друг, туку и имаат гасовити нишки кои што дополнително ги поврзуваат. Како да гравитацијата на секоја од галаксиите повлекува нишки материја од другите. Така што тие изгледаат како да се испреплетени.

Се појавил еден проблем. Четири од петте галаксии покажувале големо црвено поместување, кое одговарало на рецесиона брзина од 6400 километри во секунда. Ова значи дека галаксиите се наоѓаат на растојание од 300 милиони светлосни години. Но, галаксијата NGC 7320, на долниот лев агол од фотографијата, прикажува црвено поместување која индицира помала брзина од само 790 километри во секунда. Ова би значело дека оваа галаксија е оддалечена од нас само 30 милиони светлосни години.

Ако една галаксија на исто растојание како и другите има многу различно црвено поместување, тогаш црвеното поместување повеќе не може да биде веродостоен индикатор за растојанието. Некои астрономи, предводени од Халтон Арп, заклучиле дека не може да иʹ се верува на црвеното поместување. Одеднаш, точноста за големината на универзумот, како и други начела во космологијата, на пример брзината со која се шири универзумот, биле ставени под прашање. Така, Стефановиот квинтет станал парадигма за мистериозност и космолошка несигурност.

Многу астрономи инсистирале дека нишките од материја помегу галаксијата NGC 7320 и другите четири галаксии се доказ дека тие се физички поврзани. Покрај тоа, сите пет галаксии имаат приближно иста големина, дополнителен доказ дека се наоѓаат на исто растојание. Бидејќи, доколку галаксијата со помало црвено поместување навистина беше поблиску до нас, зарем немаше да изгледа поголема?

Ова прашање конечно беше решено од страна на вселенскиот телескоп Хабл во 2000 година. Хабл пронашол одделни ѕвезди кај галаксијата со мало црвено поместување, додека кај останатите галаксии ѕвездите не биле видливи. Со ова се докажало дека галаксијата NGC 7320 е многу поблиску за разлика од останатите галаксии.

Конечно, мистеријата била решена. Ова претставува ситуација поврзана со линијата на видот. Едната галаксија се наоѓа пред другите четири 10 пати поблиску до нас. Нишките од материја не се протегаат од  NGC 7320 до кај другите галаксии. Дополнително, NGC 7320 изгледа како да има иста големина како и другите четири затоа што е помала галаксија.

На космолозите конечно им олеснало. Покрај сè, црвеното поместување сепак е веродостојно. Универзумот е безбеден. Астрономите сега преферираат четирите галаксии кои всушност се физички врзана единица да ја нарекуваат Хиксон Компактна Група 92. Во оваа група е вклучена и една галаксија која не била дел од Стефановиот квинтет, така што иако галаксијата NGC 7320 повеќе не е дел од оваа компактна група, Групата 92 останува да се состои од 5 галаксии.

Но, олеснувањето не траело долго. Одеднаш се појавила нова загатка. Во близина на јадрото на една од галаксиите се наоѓа квазар со огромно црвено поместување, што значи дека таа мора да лежи на милијарди светлосни години оддалеченост. Сепак, јасно е видливо дека квазарот се наоѓа пред галаксијата и е во интеракција со гасовите од галаксијата.

Како може една галаксија да се наоѓа позади квазар чие црвено поместување индицира дека се наоѓа на неколку милијарди светлосни години?

Уште една мистерија поврзана со растојанието. Дали можеби црвеното поместување сепак не е веродостојно? Или пак оддалечениот квазар перфектно се усогласува со некоја чудна дупка во галаксијата? Едно е сигурно, Стефановиот квинтет не престанува да биде чуден.

Превод: Дефне Еминовска

Извор: astronomy.com

Сподели.