Среќна Нова 2018-та година!

0
Среќна Нова 2018-та година!

Заслуги (фотографија): Мартин Стојановски (Скопско Астрономско Друштво)

2018-та година за астрономите ќе биде особено интересна поради неколку поважни настани, а за Друштвото е многу значајна поради еден важен јубилеј. Во прилог, ви даваме неколку причини да влезете во Новата година со голем астрономски ентузијазам:

31-ви јануари: Делумно затемнување на Месечината

Дел од светот ќе има можност да ужива во целосно затемнување на Месечината овој јануари, но кај нас ќе биде видливо само делумно (пенумбрално) затемнување на 31-ви јануари, со траење од 17 минути и максимум во 16:56 часот.

27-ми јули: Опозиција на Марс

Оваа година Марс ќе биде особено добар за набљудување на ноќното небо. На крајот на јули, тој ќе биде најблиску до Земјата, од неговата претходна опозиција во 2003-та година. На 27-ми јули, Марс ќе се наоѓа во близина на полната Месечина и ќе зрачи со карактеристична црвеникава боја. Веројатно тогаш ќе нè најдете на градскиот плоштад, од каде ќе можете да ја погледнете Црвената Планета низ телескопите на Друштвото, а овој настан ќе биде дополнително збогатен со уште еден небесен феномен…

27/28-ми јули: Целосно затемнување на Месечината

Иако ќе го пропуштиме јануарското целосно затемнување на Месечината, овој настан ќе се повтори во јули, кога ќе биде видлив и од Скопје. Вечерта на 27-ми јули, со почеток од 20:24 часот, Месечината ќе поминува низ Земјината сенка и ќе биде затемнета сè до 01:28 по полноќ на 28-ми јули. Се надеваме на ведро небо!

12/13-ти август: Персеиди

Максимумот на метеорскиот дожд кој никогаш не разочарува, оваа година ќе биде во особено поволни услови за набљудување, со оглед на тоа што ќе се случува во период кога Месечината ќе биде млада и нејзината светлина нема да пречи во набљудувањето. Во текот на ноќта помеѓу 12-ти и 13-ти август ви препорачуваме да отидете некаде подалеку од градските светла и да уживате во Персеидите.

18-ти декември: Доближување на кометата 46П/Виртанен

Кометата 46П/Виртанен (46P/Wirtanen) е мала краткопериодична комета, која ќе биде најблиску до Сонцето на 12-ти декември и се очекува да ја достигне магнитуда 3, како и видливост со голо око. Тоа ќе ја направи најсветлата комета по C/2011 L4 (PANSTARRS), видлива во 2013-та година. Кометата во декември ќе поминува низ соѕвездието Бик и ќе ги одмине Плејадите и Хијадите пред да дојде до најмалото растојание од Земјата на 18-ти декември.

20 години Скопско Астрономско Друштво

2018-та е годината во која Скопското Астрономско Друштво ќе одбележи значаен јубилеј – 20 години постоење, активна работа, дружба и љубов кон астрономијата. Во таа чест, во подготовка се повеќе настани со кои ќе ја прославиме оваа годишнина, а централен настан ќе биде изложбата на астрофотографии. Следете нè на веб-страната и на социјалните мрежи за да бидете во тек со сите настани кои ќе бидат организирани во периодот кој следува!

Скопско Астрономско Друштво ви посакува многу ведрина, насмевки и чисто небо во Новата 2018-та година!

Текст: Марина Димовска

Сподели.