Спектакуларна детална фотографија од создавање на планети

0
Спектакуларна детална фотографија од создавање на планети

Извор: ALMA (ESO/NAOJ/NRAO)

Додека се тестира новиот високорезолуциски мод на ALMA (Atacama Large Millimeter/submillimeter Array), астрономите успеаја да направат феноменална фотографија која ги надмина нивните очекувања. На фотографијата детално е прикажана младата ѕвезда наречена HL Tauri и околниот диск во кој се формираат планети.

Ѕвездата е помлада од милион години и се наоѓа на околу 450 светлински години од нас, во соѕвездието Бик. Концентричните прстени од прашина и гас, односно остатоците од нејзиното раѓање кружат околу ѕвездата што укажува на тоа дека формирањето на планетите е веќе започнато.

Композитна слика на ѕвездата и нејзината околина.

Ова е доста изненадувачки фактор, бидејќи е неочекувано кај толку млади ѕвезди веќе да се имаат формирано големи планетарни тела како на снимката. Благодарение на ALMA, со сигурност ќе можеме да дознаеме детали за создавањето на планети кои можеби ќе бидат и поразлични од досегашните теории. Астрономите сметаат дека ѕвездите и планетите се дел од облак од прашина и гас кој е дел од поголем облак, наречен маглина. Како што гравитацијата ја повлекува материјата кон внатрешноста, облакот се собира и почнува да ротира. По некое време, облакот се израмнува во диск кој се нарекува протопланетарен диск и е местото каде се формираат астероидите, кометите и планетите. Како што дискот продолжува да се врти, материјата се групира во грутки од кои полека почнуваат да се формираат планетите. Кога овие тела ќе соберат доволно маса тие со својата гравитација почнуваат да привлекуваат прстени со материја кон дискот. Токму тоа, со неверојатни детали е прикажано на последната снимка од ALMA.

ALMA (ESO/NAOJ/NRAO)

Ѕвездата не може да се види во видлива светлина бидејќи е прекриена од прашина и гас. Но, ALMA успеа да ѕирне низ овој облак бидејќи набљудува на многу подолги бранови должини.

Превод: Михаела Стојанова

Извор: IFLS

Сподели.