Следи револуција во астрономијата

0

Астрономските истражувања достигнуваат неверојатни висини. Сè повеќе човештвото е блиску до недостижните црни дупки, крајните граници на Универзумот и оддалечените вонсоларни системи. Европа се наоѓа на чело на овие истражувања, благодарејќи на астрономските системи кои ги гради Јужната европска опсерваторија (ЕСО). Во ексклузивното интервју со генералниот директор на опсерваторијата, Тим де Зеув (Tim de Zeeuw), тој зборува за идните чекори на најпродуктивната астрономска институција на светот, чии истражувања само минатата година резултираа со неверојатни 840 рецензирани научни трудови.

Тим де Зеув пред Многу големиот телескоп

Тим де Зеув пред Многу големиот телескоп (Very Large Telescope – VLT).

Иако седиштето се наоѓа покрај Минхен, ЕСО гради телескопи на три локации во Чиле – земјата која има најдобри набљудувачки услови на светот. Уште подобар резултат ќе биде постигнат со новиот револуционерен телескоп, Европскиот особено голем телскоп (European Extremely Large Telescope – E-ELT), чии перформанси ќе ги надминат сите во моментот оперативни телескопи. Овој телескоп ќе биде вистински наследник на Многу големиот телескоп (Very Large Telescope – VLT) на ЕСО. Телескопот би можел да доведе до слични револуции во астрономијата како пред 4 века, кога Галилео Галилеј за прв пат го насочил телескопот кон небото и откри свет кој човекот не можел ни да го замисли. “Окото” на телескопот ќе биде со големина на половина фудбалски стадион во дијаметар и ќе претставува вистински европски прозорец кон Универзумот.

E-ELT ќе се занимава со доста интересни проблеми, како што е природата на мистериозната темна материја и енергија, но ќе се занимава и со планетарните системи во населивите зони во кои животот би можел да опстане. Телескопот ќе го доближи човекот поблиску до одговорот на прашањето за тоа дали сме сами во Вселената.

Меѓутоа, во пустината Атакама на северот во Чиле се одвива уште една важна работа. На висина од 5.000 м.н.в. поставени се голем број на антени – АЛМА, кои во сите пустински услови, високо на платото Шахнантор на чилеанските Анди, ќе му овозможи на човештвото да набљудува во огромните пространства на ладните облаци на меѓуѕвездениот гас и прашина, кои се наоѓаат на температура од неколку десетина степени над апсолутната нула – најниската можна температура во природата.

АЛМА се состои од 66 високо прецизни антени, кои можат да бидат распределени на растојание од дури 16 км. што ќе овозможи неверојатен поглед во најтемните предели на Вселената, а на астрономијата ќе ѝ овозможи да се позанимава со најважните прашања за нашето вселенско потекло. Овој проект на меѓународна соработка е најголемиот астрономски проект кој постои на Земјата.

Генералниот директор на ЕСО, Тим де Зеув

B92: Неодамна се вративте од Чиле каде се случи еден важен настан за иднината на астрономијата?
ТЗ: Точно, на 19 јуни имаше конкретен чекор кон изградбата на Европскиот особено голем телескоп, кој ќе има огледало во дијаметар од 40 метри. Првата конкретна акција се случуваше на врвот на планината на кој ќе биде поставен. Разнесен е дел од врвот за да се направи платформа, чија изградба ќе трае 6 месеци. Исто така, се прави и нов пат до врвот на планината, кој ќе биде завршен кон средината на 2015 г.

B92: Кога очекувате да биде готов телескопот?
ТЗ: За десет години. Симболично, само една недела пред овој настан, ЕСО заедно со меѓународните партнери успеа да заврши уште еден голем проект – телескопот АЛМА. Последните од 66 антени веќе се донесени на платформата.

B92: Што очекувате од телескопот E-ELT?
ТЗ: Телескопот ќе биде сличен на чекорот на Галилео со неговиот телескоп, затоа што со него ќе може оддеднаш да се види Вселената мноју појасно отколку сега. Така, на пример, околината на црните дупки ќе биде проучувана во услови кои не можат да се симулираат на Земјата. Овој телескоп ќе биде доволно голем и да ја одреди оддалеченоста на планетите од нивните матични ѕвезди, како и да се утврди нивната атмосфера.

Професорот Тим де Зеув е генерален директор на ЕСО од 2007 г. Докторирал во 1984 г. на Универзитетот во Лајден. Истражувачката работа на професорот е фокусирана на формирањето, структурата и динамиката на галаксиите, како и на проучувањето на карактеристиките на темната материја, супермасивните црни дупки, како и потеклото и еволуцијата на младите ѕвезди во нашето соларно соседство. Автор и коавтор е на околу 180 научни трудови, а почесен доктор е на универзитетите во Лион и Чикаго.

B92: Зошто меѓународната соработка е важна на проектите како што е овој?
ТЗ: Има многу причини. Земјите го поддржуваат развојот на фундаменталните науки и сакаат да инвестираат во нив. Сите технологии и индустрии неопходни да се изгради ваков телескоп не постојат само во Германија, туку и во многу други земји. Таква е програмата на ЕСО, сите да учествуваат во проектите. Така е изграден и Многу големиот телескоп, VLT.

Телескопот E-ELT во споредба со арената Allianz во Минхен

B92: Дали очекувате дека ќе се приклучи уште некоја земја и дали сте воделе преговори со Србија?
ТЗ: Се водеа од неодамна разговори со Полска за приклучување и тоа сега премина на формално ниво на разговор. Многу е важно за ова да е заинтересирана и самата влада на државата, а не само астрономите.

Превод: Петар Ивановски

Извор: Б92

Сподели.