Дали ова е сигнал од вонземска цивилизација?

0

Неодамна објавениот труд на арХивс (arXivs), укажува дека особено силните и кратки радио-сигнали од длабоката вселена можеби ни ја носат пораката: „187.5“.

Не се случи ништо од тоа што можеме да го замислиме. Не се спушти вонземен брод на Њујорк, Областа 51, или на друг град. Не е прекината телевизиската програма, ниту социјалните мрежи прекинаа, бидејќи група астрономи пријави дека НЛО објект поминува крај Сатурн.

Ниту на еден Земјин или орбитален радио – телескоп кои го скенираат небото досега нема експлицитна порака од типот: „Здраво на сите таму доле…“

Се случи нешто што е секако технолошки поинтригантно, а за лаиците и помалку разбирливо. Приказната настанала кога во отворената база со повеќе од милион научни трудови, позната како арХивс, на 30 март е објавена ревизија две недели порано на веќе објавениот труд со наслов „Discrete steps in dispersion measures of Fast Radio Bursts“.

Веста за овој научен труд, еден ден подоцна, го пренесе угледниот, научно – популарното списание „New Scientist“. Текстот е насловен – „Is this ET? Mystery of strange radio bursts from space“, напишан од авторката Сара Скоплс, специјализирана за астрофизика и СЕТИ темите. Веста е објавена и во многу популарни научни и некои авангардни медиуми.

Без сомнение, возбудување почувствуваа сите оние кои се задлабочија во графикот прикажан во овој труд (слика подоле) и на него открија една нова, мистериозна правилност во радио-сигналите. Но, сосема природно за научната заедница, со нормална доза на скептицизам и внимателност, лавината заинтересираност растеше полека.

Од друга страна, бидејќи целата вест се состои од воочена линеарност на нешто што во радио – астрономијата се нарекува мерка на дисперзија, медиумите не ја прекинаа својата програма. Значи, споменатиот научен труд навестува дека постои можност да имаме сигнал од вонземска цивилизација!

А пораката која е добиена гласи: „187.5“.

Дали ова е сигнал од вонземска цивилизација?

Графикот кој го возбуди светот на научниците.

Десет чудни радио – сигнали

За што станува збор? Радио-телескопите од 2001 г. започнаа да бележат еден необичен астрономски феномен, кој досега остана необјаснет и е наречен „брз радио-излив“ (Fast Radio Burst – FRB).

Во последните 15 години, забележани се чудни радио-сигнали кои траат само една милисекунда. Нивната енергија е толку голема, што соодветствува на количеството енергија кое Сонцето би го емитирало за еден месец. Овие FRB сигнали, очигледно пристигнуваат од особено голема далечина, надвор од нашата галаксија. Тоа значи дека до нас, иако краткотрајни, сепак патувале илјадници или милиони години.

Во научниот труд објавен од научниците од германскиот институт за анализа на податоци од Нојкирхен – Влуин, Институтот Макс Планк и од Универзитетот Хаваи од Маоне, анализирани се сите десет досега снимени FRB сигнали. На сличен начин на кој се анализираат природните сигнали од пулсарите, пресметана е дисперзијата, која инаку служи за врз основа на ширењето на снопот по фреквенции, поради поминувањето низ вселенската материја, да се одреди од кое растојание пристигнува снопот.

Анализата на FRB сигналите откри и нешто друго. Забележана е, сосема неочекувано, линеарна правилност, така што мерките на дисперзија се еднакви со целобројно помножување на бројот 187.5. Веродостојноста податоците да дадат така чиста линеарна функција е многу мала, а нивото на значајност на добиените податоци е 99.95%.

Ниеден познат природен објект во длабоката Вселена не може да емитува радио-сигнали на таков начин да доведат до тоа мерките на дисперзија да почитуваат таква правилност која го следи бројот 187.5. Така, изворот на сигналите кои стигнуваат до Земјата очигледно на некој начин „контролирано“ пушта сноп.

Кој ги гаси и пали ѕвездите?

Доколку резултатите се покажат точни, може да значат три работи.

Најверојатно е FRB сигналите да се од човечко потекло и дека се емитувани од постојните сателити или слично.

Втората можност е овие сигнали да претставуваат еден сосема нов астрономски феномен, кој не може туку-така да се објасни со она што го знаеме денес за природните радио-извори.

Третата опција е дека е фатен сигнал од некоја особено напредна цивилизација, која има толку многу моќни радио-извори, што намерно или случајно „палат и гасат“ некоја ѕвезда, со цел со силните радио-сигнали во друг дел од Вселената да ја испратат пораката „187.5“. Според сè уште непотврдената теорија на Николај Кардашев, ова би значело дека станува збор за цивилизација која е тип 2, бидејќи во тип 1 спаѓаат цивилизациите како нашата, додека во тип 3 се цивилизациите кои емитуваат сигнали со помош на галаксиите.

Сепак, ако FRB сигналот на Земјата навистина го испратила вонземска интелегенција, тоа се случило многу одамна и на огромно вонгалактичко растојание. Тоа значи дека станува збор за цивилизација која технолошки, а веројатно и на секој друг начин е понапредна од нашата.

Превод: Петар Ивановски

Извор: Елементариум

Сподели.