Како да ги видите сите шест локации на слетувањето на Аполо мисиите

0

Несомнено гледајќи во Месечината сте забележале кратери и планински венци и сте ги испитувале вулканските облици како канали и куполи. Но, таму, меѓу вдлабнатините и шуплините, се наоѓаат шест од најзначајните места на Месечината- местата на слетување на Аполо. Тие се единствените места каде човештвото оствари еден од најстарите соништа и ги ‘допре ѕвездите’.

Преку ниту еден телескоп на Земјата не можат да се видат остатоците од спуштањето на Месечевиот модул на Аполо или од било што друго поврзано со Аполо. Ниту телескопот Хабл не може да ги забележи остатоците од слетувањата. Законите на оптиката ги дефинираат неговите граници.

Односно, огледалото на Хабл од 240 сантиметри има резолуција од 0,024” во ултравиолетова светлина, што се однесува на 43 метри растојание од Месечината. Во видлива светлина резолуцијата е 0.05”, или приближно 90 метри. Проблемот е воочлив со оглед на тоа што најголемото парче од опремата што е оставена на Месечината по секоја мисија е Лунарниот модул кој е 5.5 метри висок и 4 метри широк.

Сепак, ова не претставува проблем за  Месечевиот извиднички орбитер на НАСА (Lunar Reconnaissance Orbiter) кој е способен да ја слика секоја локација на слетување со извонредни детали.

6 misii

Шест мисии на Аполо успеале да слетаат и да заминат од Месечината помеѓу јули 1969 и декември 1972 година. Во насока на стрелките на часовникот, од врвот: Џејмс Ирвин испраќа поздрав стоејќи до американското знаме; Харисон Шмит собира примероци од камења во долината Бик-Литроу (Taurus –Littrow); Отисок од стапалото на Баз Олдрин на месечевиот реголит; Фотографија од семејството на Чарли Дјук на површината на Месечината; Пејзаж од висорамнините Фра Мауро; и Пит Конрад ја проверува сондата Surveyor 3. Заслуги: НАСА, колаж направен од Боб Кинг.

Сите места за слетување лежат на блиската страна на Месечината и локациите се избрани за да се истражуваат различни геолошки терени. Астронаутите собрале вкупно 382 килограми камења од Месечината, од базалт и камења од антички висорамнини, па се до камења кои се создаваат при удар, наречени бреци. Астронаутите од  Аполо 12 дури го пронашле првиот метеорит што е откриен на друг вселенски објект, јаглеродниот хондрит од кратерот Бенч.

sheste misii

Фотографии од секоја од шесте локации на слетување на Аполо, фотографирани од ниско со Месечевиот извиднички орбитер на НАСА. АLSEP значи Apollo Lunar Surface Experiment Package (Лунарниот пакет за површински експерименти на Аполо). Трагите од астронаутите, како и од роверот и други предмети се исто така видливи. Заслуги: НАСА/ЛРО.

Со зголемување на осветлената површина на Месечината прогресивната линија на месечевото изгрејсонце започнува со локацијата на Аполо 17 на источната хемисфера и завршува со локациите на Аполо 12 и 14 на западната хемисфера. За да ја видите секоја локација, 4 инчен или поголем телескоп со зголемување од 75х или поголемо ќе ја заврши работата. Колку е поголем опсегот и моќта, толку поблиску ќе можете да го посочите секое од локациите на слетување и подобро да ја визуелизирате сцената.

Ова се периодите по Млада Месечина кога секое од слетувањата ќе стане целосно осветлено од Сонцето:

  • Аполо 17 и 11: По шест дена од Млада Месечина
  • Аполо 16: По седум дена , или прва четвртина
  • Аполо 15: По осум дена
  • Аполо 12 и 14: По десет дена.
6te misii na mesechina

Сите места на слетување можат да се најдат со помош на овие пет истакнати месечеви кратери. Север е горе на сликата. Заслуги: НАСА/ЛРО.

Основните слики за сите локации се фотографии направени со Месечевиот извиднички орбитер. Погледнете ја страницата ACT-REACT QuickMap, во која е прикажана лунарната мапа направена со фотографии од Месечевиот извиднички орбитер што практично ќе ве ‘прошета’ по површината на Месечината. Со исклучување на опцијата Sunlit можете да ја видите Месечината целосно осветлена, без разлика на тековната фаза. Исто така има опција Номенклатура која ги прикажува имињата на сите кратери и други карактеристики.

Подолу се прикажани мапи со секоја од локациите на слетување на Аполо. Југ е горе.

a11

Аполо 11 слетал на 20 јули 1969 година на релативно мазниот и безбеден терен на т.н. Море на спокојство. Видливи се и трите кратери именувани според  астронаутите на Аполо 11 и се наоѓаат северно од местото на слетување. Нивните дијаметри варираат од 4,6 километри на кратерот Армстронг до 2,4 километри на кратерот Колинс. Заслуги: НАСА/Месечев извиднички орбитер.

a12

Пит Конрад и Алан Бин слетале на 19 ноември 1969 година на Океанот на бури јужно од кратерот Коперник, спуштајќи се во близина на сондата Surveyor 3. Заслуги: НАСА/ Месечев извиднички орбитер.

a14

Аполо 14 слетал на 5 февруари 1971 година, во формацијата Фра Мауро. Некаде во сликата се и двете топки за голф кои Алан Шепард ги понел со себе од Земјата. Заслуги: НАСА/ Месечев извиднички орбитер.

a15

Џејмс Ирвин и Давид Скот поминале три дена во Хадлеј Рил (Hadley Rille) во планините Апенини по слетувањето на Аполо 15 на 30 јули 1971 година. Ова е првата мисија на која се користел ровер, со што површината што астронаутите ја поминале значително се зголемила. Заслуги: НАСА/ Месечев извиднички орбитер.

a17

Аполо 16 се спуштил во лунарните висорамнини на 21 април 1972 година во формацијата Кајлеј, каде што астронаутите Џон Јанг и Чарлс Дјук се надевале дека ќе пронајдат камења кои што се постари од претходно пронајдените. Заслуги: НАСА/ Месечев извиднички орбитер.

a17

Харисон Шмит и Јуџин Сернан слетале со последната мисија на Аполо во долината Бик-Литроу на 11 декември 1972 година. Астронаутите повторно биле во потрага по антички материјал. Во тој процес, тие го скршиле задниот браник на лунарниот ровер и повторно го поврзале користејќи мапи и селотејп. Заслуги: НАСА/ Месечев извиднички орбитер.

Превод: Дефне Еминовска

Извор: skyandtelescope.com

Сподели.