Се шири гласина дека можеби конечно се детектирани гравитациски бранови

0
Бинарни ѕвезди може да генерираат гравитациски бранови.

Бинарни ѕвезди може да генерираат гравитациски бранови.

Ако оваа гласина е вистинита, откритието би го потврдило едно од главните предвидувања на Ајнштајн.

Во септември, теоретскиот физичар Лоренс Краус напиша на Твитер:

„Гласина за детектирање на гравитациски бран со LIGO детекторот. Неверојатно ако е вистина. Ќе следат детали ако преживее.“

Научниците на експериментот LIGO (Laser Interferometer Gravitational-Wave Observatory) ниту ја потврдија ни ја одрекоа гласината, и таа ги возбуди страстите во заедницата на астрофизичари. Марко Пиани одговори на твитер:

„Неверојатно ако е вистина, но како научници нели би требало да избегнуваме ширење гласини, особено на јавен простор, и да почекаме да ги дознаеме фактите?“

Но сега, Краус повторно напиша на твитер:

„Мојата гласина за LIGO беше потврдена од независни извори. Останете вклучени. Можеби се откриени гравитациски бранови!! Возбудливо.“

Постојат голем број на причини да бидеме скептични, нема да знаеме со сигурност дали гласината е вистинита додека не слушнеме од истражувачите на експериментот. Доколку излезе ова да е вистина, би било многу возбудливо откритие.

Како дел од неговата општа теорија на релативност, Алберт Ајнштајн предложил дека слично како кога брод се движи низ вода, многу големи објекти може да создадат бранови во структурата на просторот и времето. Овие гравитациски бранови може да носат информации за црните дупки, како и да ни посочат какви биле условите за време на раѓањето на универзумот.

Забележано е губење на енергија кај пулсари, на начин како што предвидел Ајнштајн, што се смета за индиректен доказ за гравитациски бранови. Иако постојат индиректни докази, научниците сè уште не пронашле или измериле еден. Затоа постои LIGO (Laser Interferometer Gravitational-Wave Observatory). LIGO користи ласери за пронаоѓање на гравитациски дисторзии во време-просторот. Само еден неоспорлив пример за гравитациски бран би бил огромно откритие, но ова е досега неостварено.

Шема на LIGO детектор

Сепак сè уште нема официјални соопштенија. Настани како земјотреси може да предизвикаат резултатите да наликуваат на гравитациски бран на единствена LIGO машина. Само со споредување на податоци од повеќе LIGO машини поставени околу светот е возможно да се потврди вистински гравитациски бран. Ова е спор и макотрпен процес. Како механизам за проверка се користат така наречени „слепи сигнали“ да се види дали истражувачите може да забележат разлика.

Во 2014 научниците мислеа дека детектирале гравитациски бранови, со поинаков механизам, но тоа откритие се покажа како погрешно.

За да не се случи тоа повторно, тимот на LIGO повторно и повторно ги проверува податоците за да бидат сигурни дека овој пат ќе биде точно. Таквата темелност им остави доволно време на луѓето да шпекулираат на темата.

Официјално, LIGO сè уште ги анализира податоците, и ќе ги сподели вестите, доколку има што да се сподели, кога ќе биде проследен соодветен научен метод за откритија.

Превод: Биљана Велинова

Извори: Popular Science, Iflscience

Сподели.