Резултатите од BICEP2 веројатно сепак се веродостојни

0

Галактички радио-чворови, на кои е означен регионот на BICEP2. Заслуга: Philipp Mertsch

Во последно време се шират гласини дека е можно резултатите добиени од BICEP 2 да не се валидни во поглед на периодот на ширење на Универзумот. Сè започна со еден напис во кој се зборува за тоа дека одредени податоци од овој проект се погрешно интерпретирани, или во најмала рака сомнителни, што понатаму се прошири како информација и предизвика жестока дебата помеѓу научниците.

Што е тоа што навистина се случува?

За оние кои заборавиле, BICEP2 претставува проект кој работи на детектирање на поларизирана светлина во космичкиот микробранов фон (CMB), особено за B-mode типот на поларизација, која е важна бидејќи еден механизам за нејзиното настанување е космичкото ширење во раниот Универзум – токму она за кое BICEP2 тврди дека има докази. Причината поради која толку се зборуваше за овој проект е фактот дека B-mode поларизацијата е особено тешка за детектирање, бидејќи претставува мал сигнал кој мора да се филтрира низ огромно количество податоци од набљудувања за да може со сигурност да се потврди валидноста на резултатите. Другата причина за сомнеж е во тоа што постојат други извори кои наликуваат на B-mode поларизација, кои доколку не се земат предвид може да се добие лажно позитивен резултат. Токму за ова се загрижени критичарите на валидноста на резултатите добиени од BICEP2.

Ваквиот предизвик е наречен проблем на предниот план. Во суштина, космичкиот микробранов фон (CMB) е најоддалечената светлина која можеме да ја набљудуваме. Сите галаксии, прашина, меѓуѕвездена плазма и нашата галаксија се помеѓу нас и CMB, па така, за да бидеме сигурни дека добиените податоци навистина потекнуваат од неа, мора да се земат предвид сите работи кои стојат на патот, односно кои се во преден план. Начинот за ова да се направи е тежок, а предизвикот е да се поведе сметка за сè.

Мапа на поларизацијата од преден план која потекнува од Млечниот Пат. Заслуги: ESA and the Planck Collaboration

Кратко време по објавувањето на резултатите од BICEP2, друг тим објави ефект од предниот план кој би можел да има влијание на истите. Се работи за ефектот познат како радио-чворови, пришто честички прав заглавени во меѓуѕвездените магнетни полиња можат да испуштаат поларизирана светлина слична на B-mode поларизацијата. Друг проект направен со сателитот Планк (Planck) исто така е во потрага по овој ефект од предниот план и има објавено почетни резултати (прикажани на сликата), но сеуште нема конкретни податоци.

По сета оваа фама на виделина излезе дека BICEP2 всушност има земено предвид дел од оваа поларизација од преден план, делумно користејќи ги резултатите од Планк. Сега, прашањето кое се поставува е дали BICEP2 го потценил ефектот на предниот план, но и покрај ова грешката која може да била направена веројатно е мала. Она кое треба да се потенцира е дека резултатите од BICEP2 сеуште се отворени за стручна рецензија, па критичките анализи на трудот се нешто што треба да се случува и е очекувано. Порано ваквите дебати се одвивале строго во научните кругови, но денес истото со помош на медиумите се случува јавно. Тимот на BICEP2 стои зад својата работа, а нам ни останува да видиме дали истата ќе ги издржи критиките, или можеби ќе дојдеме до сосема нови сознанија.

Извор: Universe Today

Превод: Марина Димовска

 

Сподели.