Магнетарите претставуваат многу густи остатоци од супернова експлозии. Тие се најсилните познати магнети во Универзумот – неколку милиони пати помоќни од најсилните магнети на Земјата. Тим астрономи, со помош на телескопот VLT на ESO сметаат дека за првпат ја имаат пронајдено партнерската ѕвезда на магнетар. Ова откритие помага за да се објасни каков е процесот на создавање на магнетарите и зошто оваа конкретна ѕвезда не колабирала во црна дупка како што би било очекувано од астрономите.
Кога масивна ѕвезда ќе колабира под дејство на сопствената гравитација за време на супернова експлозија, се создава неутронска ѕвезда или црна дупка. Магнетарите се невообичаен и доста егзотичен вид на неутронска ѕвезда – тие се мали и чудесно густи, а меѓу другото имаат и екстремно моќно магнетно поле. Од површината на магнетарите се испушта огромно количество гама зрачење, кога ќе подлегнат на ненадеен „ѕвезден потрес“ како резултат на голем притисок во нивната кора.
Во ѕвезденото јато Вестерлунд 1, оддалечено 16 000 светлински години од јужното соѕвездие Жртвеник (Ara, Altar), се наоѓа еден од дванаесетте познати магнетари во Млечниот Пат, наречен CXOU J164710.2-455216, кој претставува голема загатка за астрономите. За него се знае дека би морало да биде создаден при експлозија на ѕвезда 40 пати помасивна од Сонцето – ова е проблем, затоа што ѕвездите со оваа големина се очекува да колабираат во црни дупки, а не во неутронски ѕвезди. Она кое астрономите го предлагаат како решение на мистеријата е дека магнетарот е создаден преку интеракција на две многу масивни ѕвезди кои орбитираат една околу друга во двоен систем кој е толку компактен, што би можел да се смести во орбитата на Земјата околу Сонцето. До сега, сепак, не се пронајдени податоци за ваква придружна ѕвезда на локацијата на магнетарот во Вестерлунд 1, па астрономите го искористија VLT за да ја бараат истата на други делови од јатото. Тие се впуштија во потрага по ѕвезди-бегалки – објекти кои го напуштаат јатото со голема брзина, а кои би можеле да бидат исфрлени од орбитата во супернова експлозијата која го создала магнетарот. Пронајдена е една ваква ѕвезда, позната како Вестерлунд 1-5, која се однесува токму така. Освен големата брзина која соодветствува на очекуваната, нејзината мала маса, голема осветленост и состав богат со јаглерод неминовно упатуваат на фактот дека истата потекнува од двоен систем.
Ова откритие во голема мера на астрономите им го олеснува процесот на реконструирање на животната приказна на ѕвездата од која настанал магнетар, наместо црна дупка. Во првата фаза, на ѕвездата од бинарниот систем која имала поголема маса започнало да ѝ секнува гориво, притоа префрлајќи ги своите надворешни слоеви на својата придружничка со помала маса, која понатаму ќе стане магнетар, а со тоа предизвикувајќи истата да ротира повеќе и со поголема брзина. Се чини дека оваа брза ротација е клучна состојка во создавањето на ултра-силното магнетно поле на магнетарот. Во втората фаза, како резултат на трансферот на маса, придружничката самата станува толку масивна што исфрла голем дел од новодобиената маса. Голем дел од неа се губи, но дел се предава назад кон оригиналната ѕвезда, која денес сеуште свети и ја познаваме како Вестерлунд 1-5. Процесот на размена на материјал е одбележен во единствениот хемиски состав на оваа ѕвезда, а истиот овозможил масата на партнерската ѕвезда да се намали до толку ниско ниво, што наместо црна дупка се создал магнетар.
Значи, се чини дека учеството во систем на двојни ѕвезди е есенцијалната состојка во рецептот за создавање на магнетар. Брзата ротација предизвикана од трансферот на маса помеѓу двете ѕвезди е неопходен услов за да се создаде моќното магнетно поле, а фазата на втор трансфер на маса прави идниот магнетар да се намали доволно за да не колабира во црна дупка во моментот на својата смрт.
Превод: Марина Димовска
Извор: Phys.org