Решена мистерија стара 1000 години?

0

Живееме во богато и добро организирано општество, во време во кое секое научно откритие може да биде предмет на преиспитувања и повторни истражувања. Но, понекогаш се случува тоа да се заборави и затоа дозволете за момент да се вратиме во 1054-та година во Европа.

Тоа била година на голем раскол и година на суперновата SN1054, т.н. време на мрачна доба. Работодавец веројатно тогаш би ни бил самиот цар на Византија, Константин IX Мономах (владеел од 11-ти јуни 1042, до 11-ти јануари 1055 или точно 4600 дена). Во 1045-та година тој го основал веројатно најстариот „модерен“ универзитет: Универзитетот Константинопол. Без никаков сомнеж, во тоа време овој универзитет бил најпрестижниот и ја претставувал најнапредната научна заедница во Европа.

Во него, како астрономи, би биле опкружени со научници кои ги изучувале доктрините на Аристотел за светот и догматското учење на христијанската црква за „рамна Земја“. Би биле под силно влијание на учењето за епициклите кои нуделе какво-такво решение за движењето на планетите, и тоа секако во сублунарната сфера. Според старогрчката астрономија, подрачјето помеѓу Земјата и Месечината составено е од земја, вода, воздух и оган, додека сè останато би било само етер. И сè што се случувало на небото, се случувало само и единствено во тоа подрачје.

Што мислите, какво време било тоа за астрономите? На пример, за да прикриете така важно и очигледно откритие како тоа дека Земјата не е во центарот на Универзумот? За вакви откритија во тоа време не би било добро да се зборува. И за многу помали работи на себе би си одредиле смртна пресуда.

Денес, 962 години подоцна, седам во својот кабинет и истражувам стар мистериозен научен случај: кој ја сокрил ѕвездата на европското небо во 1054-та? Наоружен сум со модерна технологија, нова филозофија, перспектива на Универзум кој вечно се шири. Пред себе имам неколку слики на стари кованици и неколку фрагменти од историски записи. Дали е тоа доволно за др. Шерлок Астро Холмс да го реши овој случај?

Ајде да започнеме…

Без сомнеж, еден од најмонументалните небески случувања е експлозијата на супернова, експлозија на ѕвезда која умира; експлозија која означува крај на нејзиниот див живот. Вакви случувања се прилично ретки во нашиот Млечен Пат. Денешните проценки велат дека ваква експлозија се случува еднаш во еден век. Меѓутоа, последната којашто е видена со голо око се појавила пред 412 години. Пред неа биле забележани само неколку: суперновата од 1054, 1604 (позната како Кеплерова супернова) и 1572 (Тихоова супернова). Во тоа време (1572), 26-годишниот млад дански астроном, Тихо Брахе, бил доволно прониклив за да сфати каде всушност се случуваат промени. Организирал мрежа од соработници астрономи за да утврди дали постои некоја воочлива паралакса (привидна промена во положбата на објектот во однос на позадината кога е гледан од двајца набљудувачи на различни позиции) и дошол до одговорот кој ќе го промени нашиот поглед на Универзумот: појавата на нова ѕвезда морала да се случи позади Месечината, меѓу „фиксираните ѕвезди“. Тоа било во спротивност со учењето на Аристотел, дека небеските промени можат да се случат единствено пред Месечината, односно помеѓу Месечината и Земјата. После ова откритие, учењето на Аристотел почнало да ги одбројува своите последни денови. Така, дошло време ова откритие да се соопшти и пред поглаварите на конзервативната христијанска црква.

Но, зошто ова не е сторено 500 години порано, те во 1054-та? За жал, во тоа време европските научници придавале многу поголемо значење на астрологијата отколку на појавата на нови ѕвезди. И не само астрономите, туку и многу други научници, блиски до свештенството, тонеле во незнаење и, што се однесува до суперновите, ги игнорирале.

Меѓутоа, на другиот крај од светот, во источна Азија, кинески и јапонски набљудувачи прецизно го забележале ова случување како „ѕвезда-гостин“ бидејќи како нова, изненадно се појавила помеѓу останатите ѕвезди, на 4-ти јули 1054 година. Тие забележале дека ѕвездата-гостин била видлива во текот на дневната светлина цели 23 дена и дека во својот максимум била сјајна како планетата Венера. Исто така, забележале дека ѕвездата сосема избледела по 21-от изминат месец.

Ибн Бутлан (Ibn Butlan), арапски христијански лекар и ученик, знаел за појавата на „спектакуларната ѕвезда“ 1054. Но зошто тој, кој веројатно бил и еден од учениците на Универзитетот во Константинопол, не го известил Универзитетот, и воопшто, целата јавност, за ова случување?

Или можеби го сторил тоа? Можеби моќниот православен патријарх и римскиот папа, во тоа време, појавата на новата сјајна ѕвезда колосално ја користеле за да ја оправдаат својата борба за врховна власт во христијанската црква, борба која остана запаметена како Големиот раскол. Можеби суперновата ја искористиле како оправдување и Божји знак дека дошло време за промени?

Патот на М1 (SN 1054 или маглината Рак)

Експлозијата од суперновата од 1054-та година била најинтригантниот и највпечатливиот случај и за наредните столетија. Сепак, во Европа било попаметно да се молчи за ова случување, бидејќи последиците би можеле да бидат фатални. Па, како да ја забележите оваа појава, а да ги избегнете тие последици? Денес, за секое откритие се извикува на цел глас, но пред девет векови тоа можело да биде опасно.

Решена мистерија стара 1000 години

Паричките на Константин IX исковани во периодот од 1042 до 1055-та година

Во текот на своите 4600 дена од своето владеење, Константин IX исковал 4000 кованици во четири познати серии. За нас е интересна последната, четврта серија, која се состоела од само 20 кованици. На нив е прикажана главата на Константин IX помеѓу две ѕвезди. Тие ѕвезди очигледно покажуваат современо случување кое е од големо значење, штом се појавуваат само во посебна серија на ковани парички.

 

Интересен е односот помеѓу бројот на денови владеење на Константин, бројот на исковани парички и бројот на парички во специјалната серија (4600 денови : 4000 парички = X : 20 парички). Равенката со овие броеви дава резултат 23, точно онолку денови колку што суперновата била видлива на дневна светлина!

Решена мистерија стара 1000 години?

Многу денови Венера и SN 1054 заземале симетрична положба во однос на Сонцето

Го реконструирав небото над Константинопол на ден 4-ти јули 1054, и увидов дека Венера била на исток, а SN 1054 (маглина Рак) на запад, со Сонцето точно помеѓу двата еднакво сјајни објекти, точно како што тврдат источноазиските записи. Главата на царот Константин IX на секоја од тие 20 парички би можела да претставува Сонце со две „ѕвезди“, со Венера на исток и суперновата 1054 на запад. Можеби ваквата композиција претставувала две новонастанати цркви? Едната источна, православна, во ликот на постојната и добро позната Венера, и другата, католичка претставена во избледувачката супернова.

Одговор на уште еден нерешен случај? Можеби.

Решена мистерија стара 1000 години

Небото над Константинопол 4-ти јули 1054 (реконструкција со помош на софтверот Стелариум)

Автор на текстот: Miroslav Filipovic

Превод: Александра Бошкова

Извор: Astronomski Magazin

Сподели.