Многу одамна, водата на Марс формирала длабоки речни корита на површината на планетата – но ние сеуште не знаеме каква клима ги создала нив. Научниците не се сигурни, затоа што нивното разбирање за климата таму во текот на милијарда години е некомплетно.
Научниците во Универзитетот во Чикаго во едно ново истражување ги класифицираа овие реки и заклучија дека значајна количина на вода постоела на Марс многу подоцна отколку што претходно се претпоставувало. Според истражувањето, објавено на 27 март во Science Advances, количината на вода на Марс била огромна, реките биле пошироки од оние на Земјата денес и постоеле на стотици локации низ целата планета.
Ова дополнително ја комплицира сликата за климата на Марс што научниците пробуваат да ја создадат, вели водечкиот автор на истражувањето, Едвин Кајт асистент професор и експерт за историјата на Марс и климата на другите планети. “Веќе е тешко да се објаснат реките и езерата според податоците што ги имаме”, вели тој. “Ова го прави еден проблем уште потежок.”
Загатка е зошто во минатото Марс имал течна вода. Денес Марс има екстремно тенка атмосфера и многу одамна во почетокот на историјата на Марс тој примал само третина од сончевата светлина што денес ја добива Земјата, што не е доволно топлина за да водата опстои во течна агрегатна состојба. “Навистина, дури и во раните почетоци на Марс кога одреден период било доволно влажно за постоење на реки, од останатите добиени податоци заклучуваме дека на Марс било екстремно суво и студено во најголем период”, вели Кајт.
Во мисијата за создавање на што е можно пореална слика за Марс, Кајт и неговите колеги изанализираа фотогрфии и елевациски модели на повеќе од 200 речни корита кои постоеле пред милијарда години. Овие речни корита се богат извор на информации за водата што ги исполнувала и климата која што ги создала. На пример, ширината и висината на речните корита и големината на чакалот дава податоци за силината на водата, а квантитетот на чакалот ја ограничува количината на водата.
Нивните анализи покажуваат јасни докази за постојани, силни водотеци што се случувале во последната фаза на влажната клима, вели Кајт.
Резултатите им даваат насоки на оние кои што се обидуваат да ја реконструираат климата на Марс. На пример, големината на реките имплицира дека водата течела континуирано, не само преку ден.
Постои можност дека климата имала т.н. “вклучи/исклучи”копче, поточно константно се менувале суви и влажни циклуси.
Превод: Христина Милошевска
Извор: phys.org