Зашеметувачки фотографии на Јупитер од вселенското летало на НАСА, Јунона (Juno), неспоредливи со оние од претходните летала.
Овие фотографии пристигнаа откако Јунона го изврши првото од 36-те научни прелетувања на Јупитер. Леталото било на далечина од само 4200 километри од планетата, односно поблиску од било кое друго летало.
Прелетот траел околу 6 часа, и за првпат сондата ги искористи своите научни инструменти за да го проучува Јупитер од блиску. Јунона ги направи овие фотографии со помош на неговиот „JunoCam“ инструмент, откривајќи сина нијанса на северниот пол. Вртлози, бури и уникатни временски системи можеа да бидат забележани. Леталото исто така успеа да „улови“ прекрасна аурора на јужниот пол на Јупитер со друг негов инструмент.
„Првиот поглед на северниот пол на Јупитер, и не изгледа на ништо што претходно сме го виделе или замислиле,“ изјави Скот Болтон, главен истражувач на Јунона од Југозападниот истражувачки институт во Сан Антонио. „Бојата горе на полот е посина отколку на другите делови на планетата, и исто така има многу бури.“ додаде Болтон.
Фотографијата на аурората на јужниот пол, од друга страна, е направена со „Jovian Infrared Auroral Mapper (JIRAM)“. Поради ориентацијата на Јупитер во однос на Земјата, не е возможно да се видат овие појави од нашата планета без летала како што е Јунона.
Големината и масата на Јупитер играат многу важна улога во Сончевиот Систем, влијаејќи врз астероиди и дури диктирајќи го создавањето на внатрешните планети. Недамнешни истражувања хипотетизираат дека Јупитер можеби играл и улога во создавањето на карпестите планети како што се Меркур, Венера и Земја.
Проучувајќи го Јупитер, научниците се надеваат не само да научат повеќе за Јупитер и неговата внатрешност, туку и за неговата улога во раниот Сончев Систем. Инструментите на Јунона ќе мапираат што се случува под облачната површина, давајќи ни нов поглед врз структурата на овој гасовит џин.
Јунона ќе продолжи со својата мисија орбитирајќи околу Јупитер до 28-ми февруари 2018, кога ќе биде испратен да согори во атмосферата на планетата. Можеме да бидеме сигурни дека ќе има уште многу фасцинантни фотографии како овие во следната година-и-пол, а од ноември 2016 ќе можете дури и да гласате каде сакате Јунона да фотографира.
Извор: IFLscience
Превод: Бобан Панов