За првпат во историјата, астрономите имаа можност да истражуваат астероид дојден во Сончевиот Систем од меѓуѕвездениот простор. Набљудувањата направени со „Многу големиот телескоп“ (VLT) на Европската јужна опсерваторија (ESO) во Чиле и други опсерватории низ светот покажуваат дека овој уникатен објект патувал низ Вселената милиони години пред да дојде до нашиот ѕвезден систем. Објектот е темен, црвенкаст, високо издолжен, каменест или со висок процент на метал во составот.
На 19-ти октомври 2017 телескопот Pan-STARRS 1 на Хаваите забележал бледа светла точка на небото. Отпрво налик мал типичен брз астероид, по додатните набљудувања неговата орбита била точно пресметана. Според орбитата, не постои сомнение дека овој објект не потекнува од Сончевиот Систем, како сите други астероиди или комети досега набљудувани, туку доаѓа однадвор, од меѓуѕвездениот простор. Иако првично обележан како комета, по додатните набљудувања од ESO и останати опсерватории не биле забележани знаци на кометна активност по блискиот премин до Сонцето во септември. Објектот бил одново класифициран како меѓуѕвезден астероид, со име 1I/2017 U1 (Oumuamua).
„Многу големиот телескоп“ на ESO веднаш бил искористен за мерење на орбитата, светлината и бојата со голема точност. Брзината на мерењата била многу важна поради тоа што Оумуамуа бил на брз пат да го напушти Сончевиот Систем. Комбинирајки ги сликите од FORS инструментот и користејки четири различни филтри заедно со оние од други големи телескопи, тимот воден од Карен Мич, од Институтот за астрономија, Хаваи, САД, откри дека Оумуамуа варира драматично во поглед на светлината, со фактор 10 за време на ротацијата околу својата оска секои 7,3 часа. Овој вид на голема варијација во светлината на објектот значи дека тој е многу издолжен, односно десетпати повеќе отколку што е широк, со комплексен извиткан облик. Исто така откриено било дека е темно црвен, како и другите објекти на работ на Сончевиот Систем, и комплетно инертен, без најмала трага од прав околу него.
Според карактеристиките, тој е густ, најверојатно карпест, со висок процент на метали, без значајни количества вода и мраз и со површина зацрвенета поради ефектите на космичката радијација низ милиони години. Се претпоставува дека е долг 400 метри. Според прелиминарните орбитални пресметки, најверојатно објектот е дојден во насока од ѕвездата Вега во северното соѕвездие Лира. Но, патувајки со брзина од 95.000 km/h, му требало толку време да дојде до нас, што Вега не била ни близу до таа положба кога астероидот бил таму пред 300.000 години. Оумуамуа можеби патувал низ Млечниот Пат без да биде дел од ниту еден ѕвезден систем, стотици или милиони години пред да дојде до нашиот.
Според астрономите, вакви меѓуѕвездени астероиди минуваат низ Сончевиот Систем еднаш годишно, но остануваат незабележани поради тоа што се многу темни и тешки за забележување, сè до денес. Способноста да се видат вакви објекти е постигната неодамна со помош на телескопи како Pan-STARRS, кои се доволно моќни за да имаат шанса да ги забележат.
Истражувањата на овој објект ќе продолжат додека е возможно, со цел попрецизно определување на местото од каде доаѓа, но и каде ќе оди откога ќе го напушти Сончевиот Систем. По првиот откриен меѓуѕвезден астероид, астрономите веќе се подготвени за наредните.
Превод: Максим Осман-Николов
Извор: ESO