Првата фотографија од Џејмс Веб телескопот

0

Во доцните часови, вчера на 11 јули беше објавена првата фотографија направена од вселенскиот телескоп Џејмс Веб. Овој телескоп беше лансиран во декември 2021 година со што ја презема улогата на познатиот вселенски телескоп, Хабл. Примарната цел му е да се фокусира на набљудување и аназлиза на објектите во инфрацрвениот спектар. Како резултат на подобрувањата на оптиката во текот на годините, осетливоста и резолуцијата ќе придонесат да добиеме фотографии од објекти кои се бледи, далечни односно да погледнеме кон минатото на нашиот универзум.

veb

Првата фотографија од Џејмс Веб телескопот. Заслуги: NASA

Првата инфрацрвена фотографија која беше претставена во јавноста е најдлабоката и најостра досега. Истата претставува композиција од повеќе фотографии кои се сликани на различни бранови должини, со вкупно време на интеграција од 12.5h.
На сликата се гледа кластер од галаксии познат под името SMACS 0723 како што изгледал пред 4.6 милијарди години. Поради големата маса кластерот се однесува како гравитациска леќа, односно во случајот визуелно ги зголемува објектите или далечните галаксии позади него. Така камерата NIRCam (Near-Infrared), успеа да ги долови овие далечни галаксии со остар фокус и да ги прикаже помалите, бледи структури што не беше возможно да ги видиме порано.
Во иднина вселенскиот телескоп ќе даде информации за првите ѕвезди, галаксии во универзумот со цел да ги разбереме подобро настанокот и неговиот почеток. Исто така една од целите ќе биде и анализа на составните делови на атмосферите на различни егзопланети за да се утврди дали постојат услови за живот, онаков како што го знае човештвото.

Моника Тодевска

Извор: nasa.gov

Сподели.