Прва фотографија од слетувањето на кинеското летало Чанг’е-4 на темната страна на Месечината

0

Чанг’е-4 ја испрати првата фотографија од подалечната страна на Месечината после историското слетување.

За првпат во историјата вселенско летало беше спуштено на подалечната страна на Месечината. На 3ти јануари, во 10:26 часот, кинеското летало Чанг’е-4 успешно се спушти во Вон Карман кратерот на Месечината. Само неколку часови по слетувањето, леталото ја испрати првата фотографија од подалечната страна на Месечината.

Мисијата започна пред повеќе од еден месец. Истата носеше и мал ризик, затоа што не е возможна директна комуникација на леталото со Земјата. Чанг’е-4 комуницира со Земјата преку сателит, а тоа создава дополнителна комплексност и ризик, смета Џим Хед, истражувач од Универзитетот Браун кој работел со неговите колеги од Кина при анализирањето на местото за спуштање на леталото.

Спуштањето е направено без поголеми проблеми и се очекува набрзо да започне истражувањето на подалечната страна на Месечината, место кое астронаутите и леталата го набљудуваа само оддалеку.

„На подалечната страна на Месечината не постои радио “бучава” од нашата планета. Заради тоа, научниците сметаат дека таа локација е идеална за радио астрономијата, а повеќе за ова ќе дознаеме од страна на спектрометарот поставен на самото летало.“

Друг инструмент кој го има леталото е ASAN (Advanced Small Analyzer for Neutrals) кој ќе испитува на кој начин соларниот ветер стапува во интеракција со лунарната површина. Првите податоци од ова испитување се очекува да бидат достапни пред 11ти февруари.

Постојат многу нешта за истражување на подалечната страна на Месечината. Едно од нив е испитување на внатрешноста од која научниците се надеваат дека ќе дознаат многу повеќе за тоа како е формиран нашиот природен сателит.

Превод: Христина Милошевска

Извор: Astronomy.com

Сподели.