Прстените на Сатурн скриени во анаграми

0

Кога во 1921 год. во весниците излезе сензационалната вест дека прстенот на Сатурн исчезнал и дека најверојатно неговите остатоци летаат кон Земјата, тоа предизвика голема паника. Никој не можел да претпостави дека истото чувство, само 400 години порано, го имал и Галилео Галилеј.

Сатурн со и без прстените (1921 и 1926 г.)

Што всушност се случило?

Во тоа време, било обичај секое научно откритие на оригинален начин да го открие тој што го пронашол. Доаѓајќи на трагата на некое епохално откритие, секој научник правел анаграм, во кој го објавувал откритието. Така, научникот би можел во мир да ги потврдува и проверува своите набљудувања, па ако се докажел некој друг со слични откритија, можел лесно да докаже дека тој е првиот и вистински одговорен за откритието. Потоа, тој би ја открил и тајната на својот анаграм и со тоа го потврдувал пронаоѓањето.
Во почетокот на 17 век, набљудувајќи го Сатурн низ својот несовршен телескоп, Галилеј помислил дека оваа голема планета има од двете свои страни некои мали додатоци. Не знаејќи за што станува збор, тој побрзал да го обезбеди своето откритие криејќи го зад шифрата:

smaisnermiclmbpobtalcvmibvneuvgttaviras

Јасно е дека зад ова, речиси е невозможно да се открие што се крие зад овие 39 букви. Постои една можност – да се направат сите комбинации од букви и така да се открие што криел Галилеј, но тоа ќе претставува тешка и обемна работа. Бројот на можните изнесува број со 35 цифри.

Генијалниот современик и пријател на италијанскиот научник, Јоханес Кеплер (1571-1630), вложил многу трпение и труд да ја открие скриената објава на својот пријател. Кога успеал да состави реченица на латински јазик, од сите букви, освен три, помислил дека ја постигнал целта: Salve umbestineum geminata Martia proles (Здраво близнаци потомци на Марс).

Кеплер бил уверен дека Галилеј открил два сателити на Марс, но овој пат остроумноста на Кеплер не довела до целта. Кога најпосле Галилео ја открил својата тајна на анаграмот, се појавила следната реченица: Altissimam planetam tergaminum observavi (Најгорната планета ја видов тројно).

Положбата на Сатурн на 16 јули 1610 г. во времето кога Галилеј ја набљудувал

Поради недостатоци на својот телескоп, Галилеј не разбрал дека вистинското значење на тоа “тројно” Сатурново лице е всушност, неговиот прстен. Кога после неколку години, Сатурн се придвижил и кога прстенот се поставил во однос на Земјата, при што не се гледала планетата, Галилеј помислил дека згрешил и дека Сатурн нема никакви додатоци.

Самиот прстен е всушност со дебелина од само 200 метри што го прави во однос на неговиот дијаметар потенок од лист хартија. Накосен е во однос на рамнината на земјината траекторија под агол од 27 º, така што во текот на 29 годишниот циклус на Сатурновото заобиколување околу Сонцето, самиот прстен во две спротивни точки се гледа како една линија преку дискот на планетата, а во други две точки оддалечени 90º од првиот, прстенот од Земјата се гледа во најголемата ширина.

Лево е Сатурн каков што бил во 1610 г. кога го набљудувал Галилео. Во средината се наоѓа истата слика, но намалена. Сликата десно е уште повеќе намалена и веројатно така Галилеј го видел Сатурн низ својот телескоп на 16 јули 1610 г.

Дури после пола век, за откритието на прстените голема заслуга имал големиот холандски научник, Кристијан Хајгенс (1629 – 1695). Слично како и Галилеј и тој своите откритија веднаш не ги објавил, туку ги скрил под шифрата: AAAAAA, CCCC, D, EEEE, G, H, IIIIIII, LLLL, MM, NNNNNNNNN, OOOO, PP, Q, RR, S, TTTT, UUUU

Бидејќи три години ги проверувал своите пресметки, Хајгенс најпосле го смислил своето известување: Annulo cingitur tenui, nusquam cohaerente ad eclipticam inclinato (Со тенок прстен е опкружен, ништо никаде не допира, а накосен е кон еклиптиката).

Автор: Драшко Драговиќ

Превод: Петар Ивановски

Извор: Астрономски Магазин

Сподели.