Пронајдена е нова честичка во Големиот хадронски судирач

0
Пронајдена е нова честичка во Големиот хадронски судирач

Уметничка претстава на честичката пентакварк. Заслуга: ЦЕРН/ LHCb.

Речиси пет децении научниците теоретизираат дека значајна честичка може да постои надвор од нашето сегашно познавање на субатомската физика, но докажувањето на оваа теорија било тешко.

Ова повеќе не е така, бидејќи сега научниците велат дека го пронашле многу бараниот пентакварк чие постоење првпат е предвидено во шеесеттите години на минатиот век. После 50 години барање, честичката се појавила во LHCb (анг. Large Hadron Collider beauty) експериментот во Големиот хадронски судирач (LHC) на ЦЕРН.

Најзначајно е тоа што откритието покажува дека можеби постои нов тип на материја – иако таа живее само милијарда трилиони трилионити дел од секундата (10-20 секунди) пред да се распадне.

„Пентакваркот не е само било која нова честичка,“ вели Гај Вилкинсон, дел од тимот на LHCb експериментот. „Преку проучување на неговите својства може подобро да разбереме како е конституирана вообичаената материја, протоните и неутроните од кои сите ние сме направени.“

Пентакваркот е составен од пет кварка, коишто се најмалите честички за кои знаеме дека постојат. Во различни комбинации тие прават поголеми честички. На пример, групи од три кварка се познати како бариони, во кои спаѓаат и протоните.

Минатата година, научниците во ЦЕРН објавија дека ја пронашле првата честичка од четири кварка, тетракварк, именувана Z(4430). Ова најново откритие го засенува тоа, и може да отвори нови димензии во физиката.

Откритието беше направено во LHCb експериментот на ЦЕРН. Заслуга: ЦЕРН

„Со користење на огромниот сет од податоци обезбедени од Големиот хадронски судирач, како и одличната прецизност на нашиот детектор, ги испитавме сите можности за добиените сигнали, и заклучивме дека тие може единствено да бидат објаснети со пентакварк,“ вели во изјавата физичарот на LHCb, Томас Скварницки од Универзитетот Сиракуза.

Пентакварковите беа пронајдени со испитување на распаѓањето на барион наречен Ламбда б во три други честички: J/ψ (џеј-пси), протон и наелектризиран каон (К-мезон). Тие се направени од четири кваркови и еден антикварк, што претставува антиматерија на регуларен кварк со иста маса, но спротивен полнеж.

Постојат шест типови на кваркови, познати како „вкусови (ароми),“ кои ја означуваат нивната маса, полнеж и спин. Последниот термин не се однесува на ротација, туку на магнетното поле и други својства. Типовите на кваркови се: горен, долен, волшебен, чуден, врвен и најдолен кварк. Пентакваркот е направен од два горни кварка, долен кварк, волшебен кварк и еден антиволшебен кварк.

Откритието беше направено од податоци собрани во првиот рок на Големиот хадронски судирач. Сега кога може да постигне повисоки енергии во неговиот втор рок, истражувачите ќе бараат повеќе податоци за пентакваркот и начинот на кој тој реагира со други субатомски честички.

Превод: Биљана Велинова

Извор: IFLS

Сподели.