Зад орбитата на Нептун, најодалечената планета од нашето Сонце, се наоѓа мистериозен дел познат како ТНО (транс-нептунски објекти). Многу години астрономите откриваа објекти и помали планети во овој регион. Сите тие се под влијание на гравитацијата од Нептун и орбитираат околу Сонцето на оддалеченост од околу 30 астрономски единици. Во последниве неколку години беа откриени неколку нови ТНО, поради кои научниците беа приморани да се преиспитаат за сè што знаеме во врска со планетите и историјата на Сончевиот Систем. Најновиот ваков мистериозен објект се вика Нику (Niku) и претставува мало смрзнато купче кое навидум не е ништо поразличен од останатите вакви тела. Но, неговата орбита е таа што овој објект го прави навистина уникатен. Тој е закосен за 110° од рамнината на системот и орбитира околу Сонцето наназад.
Обично, кога се формираат планетарните системи аголниот моментум предизвикува сите тела да се движат во ист правец. Затоа, гледано од страна објектите во нашиот систем орбитираат околу Сонцето во спротивна насока од часовникот. Па така, кога има тело кое орбитира во спротивна насока се претпоставува дека ова мора да било предизвикано од надворешен фактор.
Понатаму, тимот научници ја споредил орбитата на Нику со други објекти со висок наклон од транс-нептунскиот појас и Кентарус и забележале дека тие имаат заедничка орбитална рамнина. Едно од објаснувањата за овие откритија е влијанието од Планета Девет. Ова би можело да биде доказ за нејзиното постоење.
Анимиран дијаграм кој го покажува оддалечувањето на планетите во Сончевиот Систем. Извор: Caltech
Но, со понатамошни истражувања сепак може да се заклучи дека на долг рок орбитите на Нику и сличните објекти се нестабилни, што не би било случај ако се под гравитациско влијание од голема планета како претпоставената Планета Девет. Не станува збор за нејзино целосно исклучување од теориите, но реално сè уште немаме откриено докази за нејзиното постоење, барем не во ова истражување.
Превод: Михаела Стојанова
Извор: Phys