Пронајден најдалечниот објект досега во нашиот Сончев Систем

0

Приказ на 2018 VG18, уште наречен и “Farout”. Заслуги: Роберто Молар Канденоса, Карнеги Институт за науки

Тим од астрономи го открија најдалечното небесно тело во нашиот сончев систем некогаш набљудувано. Тоа е воедно и првиот објект во нашиот сончев систем што се наоѓа на далечина 100 пати поголема од онаа помеѓу Земјата и Сонцето.

Отритието за новиот објект беше објавено на 17ти декември 2018 година и беше означен како 2018 VG. Објектот беше откриен од страна на Скот С. Шепард од Карнеги, Дејвид Толен од Универзитетот на Хаваи и Чед Трухило од Универзитетот во Северна Аризона.

2018 VG, наречен уште и Farout, поради неговата огромна далечина, која изнесува 120 астрономски единици. Вториот најоддалечен објект во Сончевиот систем некогаш набљудуван е Ерис, и се наоѓа на далечина oд 96 астрономски единици. Планетата Плутон е на оддалеченост од 34 астрономски единици, што го прави објектот 2018 VG дури три и пол пати подалечен од најпознатата џуџеста планета во нашиот сончев систем.

2018 VG е откриен преку проектот на гореспоменатиот тим научници за пронаоѓање на екстремно оддалечени објекти во нашиот сончев систем, вклучувајќи ја и многу дискутираната Планета Икс, т.е. Планета 9. Во октомври, истата група научници објавија дека е откриен друг далечен објект во нашиот сончев систем 2015 TG387 уште наречен “Гоблинот” бидејќи беше откриен околу Ноќта на Вештерките. Гоблинот беше откриен на далечина од 80 астрономски единици и има константна орбита која е под влијание на т.н. планета икс во далечните региони на Сончевиот Систем.

Приказ на далечините на новооткриените објекти во Сончевиот Систем, како и на 2018 VG т.е. Farout, споредено со останатите објекти во него. Заслуги: Роберто Молар Канденоса и Скот С. Шепард, Карнеги институт за науки

Постоењето на деветта планета во далечните граници во нашиот сончев систем за првпат беше предложено во 2014 година од страна на истиот тим научници кога беше откриен објектот VP113 кој се наоѓа на далечина од 84 астрономски единици.

2015 TG387 и 2012 VP113 никогаш не доаѓаат во близина на големите планети од Сончевиот Систем како Нептун и Јупитер за да имаат значајно гравитациско влијание од нив. Ова значи дека овие објекти се само мал дел од она што се наоѓа во далечните региони на нашиот сончев систем. Орбитата на 2018 VG сеуште не е добро позната, па затоа и не се знае дали е под влијание на т.н. Планета Икс.

“2018 VG е премногу далеку и се движи најбавно од сите добропознати објекти во Сончевиот Систем што значи дека ќе бидат потребни неколку години за целосно да се открие неговата орбита”, вели Шепард. “Но неговата локација на небото е на слична локација со веќеоткриените далечни објекти, што ни сугерира дека можеби има и слична орбита како нив. Сличностите во орбитите на малите далечни објекти од Сончевиот Систем воедно беше иницијаторот за идејата дека на оддалеченост од неколку стотици астрономски единици постои уште една поголема планета икс под чие влијание се овие малечки објекти.”

“Се што досега знаеме за 2018 VG18 е екстремната далечина од сонцето, приближниот дијаметар и неговата боја,” додава Толен. “Бидејќи 2018 VG 18 е премногу далеку и се движи премногу бавно, најверојатно потребни му се 1000 години за да направи еден круг околу сонцето.”

Фотографија направена од Субару телескопот на 10ти ноември 2018 година на која е прикажан објектот 2018 VG18. Забележано е движење на објектот помеѓу две направени снимки, додека ѕвездите и галаксиите во позадина не се движат. Заслуги: Скот С. Шепард и Дејвид Толен

Фотографиите на коишто е откриен објектот 2018 VG18 се направени од страна на 8 метарскиот Субару телескоп на Мауна Кеа на Хаваи. Откако е веќе откриен, објектот подложи на понатамошни испитувања. За вторпат беше повторно забележан во декември од страна на Магелан телескопот во опсерваторијата во Чиле. Овие истражувања на објектот беа водени од страна на тимот со помош на студентот Вил Олдројд од универзитетот во Северна Аризона. Во текот на наредните недели тие го набљудуваа објектот и неговото движење на небото притоа добивајќи повеќе податоци за неговите основни карактеристики како на пример бојата.

Испитувањата со помош на телескопот Магелан потврдија дека се работи за објект кој се наоѓа на оддалеченост од 120 астрономски единици, правејќи го воедно и првиот објект од Сончевиот Систем кој некогаш е набљудуван на далечина поголема од 100 астрономски единици. Има дијаметар од околу 500 километри, сферична форма и многу мраз.

“Ова откритие е навистина меѓународно достигнување во истражувачката дејност, притоа користејќи ги телескопите лоцирани на Хаваи и во Чиле како и институти и универзитети од Соединетите Држави”, заклучува Трухило. “Со новите дигитални камери поставени на најголемите телескопи во светот, конечно ги истражуваме далечните делови на нашиот сончев систем, многу подалеку од Плутон.”

Превод: Христина Милошевска

Извор: Phys.org

Сподели.