Веќе некое време постои сомнеж дека околу ѕвездата Проксима Кентаури (Proxima Centauri) постои планетарен систем сличен на нашиот. Пред две недели во орбитата на таа ѕвезда е откриена планета за која се смета дека е мнгоу слична на Земјата. Ова откритие научниците не го објавуваат сè додека не биде целосно утврдено дека навистина се работи за нова планета.
Поради големиот сјај на ѕвездата Проксима Кентаури, не е можно директно да се фотографира оваа планета бидејќи во телескопите удира сјајот и планетата не се гледа. Но, со помош на спектрографот на Европската јужна опсерваторија (ЕSO), планетата можела да биде детектирана и потврдена по долготрајните мерења.
Објавено е дека во орбитата на нашата најблиска ѕвезда, после Сонцето, орбитира планета – Проксима б. Интересно е што таа кружи во т.н. зона погодна за живот, што значи дека е на релативно погодна оддалеченост од својата ѕвезда за да поддржува живот. Таа се наоѓа на растојание од 7 милиони километри од ѕвездата Проксима Кентаури, што е 20 пати помалку од оддалеченоста на Земјата од Сонцето.
Иако весниците пишуваат дека е откриена Земја 0.2, карактеристиките на планетата сè уште не се доволно истражени за да може да се даде такво тврдење. Она што се знае е дека се работи за густа, карпеста планета, дека годината на нејзе трае само 11.2 дена и дека ѕвездата Проксима Кентаури од нас е оддалечена 4.25 светлински години или 40 трилиони километри. Голема е веројатноста дека планетата секогаш е со истата страна свртена кон ѕвездата, што би значело дека на едниот дел од планетата секогаш е топло и светло, додека на другата страна е темно и ладно. Само во тесниот појас помеѓу овие две зони можно е да постојат нормални температури и услови за живот каков што ние го познаваме.
Повеќе пати медиумите пишувале за тоа како е откриена „друга Земја“ или „близнак на Земјата“. Со ваквите вести треба да се биде внимателен бидејќи во рамки на програмата за планетарно истражување во Универзумот често се откриваат планети кои се во зоните погодни за живот, но тоа не значи дека на нив е возможен живот или дека се копија на нашата Земја. За жал, денешната техника не е во можност поблиску да изврши истражување на егзопланетите, но со помош на спектрографски анализи истите приближно можат да се истражат, а за тоа е потребно многу време.
Проксима Кентаури е ѕвезда од типот црвено џуџе, којашто е помала и потемна од Сонцето, па поради тоа планетата добива две третини енергија од својата ѕвезда, во споредба со енергијата која Земјата ја добива од Сонцето. Доколку планетата поседува атмосфера, тоа може да доведе до ефект на стаклена градина што ќе резултира со температури од -40 Целзиусови степени на површината. Не се знае дали на планетата има вода, но постои реална можност за тоа. Доколку планетата нема атмосфера, или магнетно поле кое би ја заштитило, таа е изложена на бомбардирање со високоенергетски честички и рентгенско зрачење од ѕвездата.
Иницијативата на рускиот милијардер Јури Милнер (Yuri Milner), „Breakthrough Starshot“, која ја најавил пролетта оваа година, претставува амбициозен план да испрати цела флота ласерски нано-сонди кон системот Алфа Кентаури. Голема е веројатноста дека при таа пригода ќе се истражи и Проксима Кентаури, како и нејзината планета од близина. За да стигнат до системот, на нано-сондите ќе им бидат потребни 20 години. Научниците се надеваат дека во текот на една генерација ќе успеат да ги оспособат и лансираат овие нано-сонди.
Превод: Александра Бошкова
Извор: Astronomski Magazin