Потповршински океан на Плутон?!

0

Надворешниот дел од Сончевиот систем е навистина ладен регион и токму затоа, досега научниците сметаа дека таму не постои и никогаш не постоела материја во течна агрегатна состојба. Но, се појавија нови теории кои претпоставуваат дека и на Плутон исто така може да се кријат океани.

Клучниот фактор за оваа претпоставка е неговата месечина Харон, која има дијаметар поголем од половина од дијаметарот на Плутон. Настанот со кој се поврзува формирањето на оваа месечина е судир на Плутон со тело со слична големина, исто како Земјата и ударот на објект со големина колку Марс, после што се исфрлиле огромни количини на материја во околниот простор. Ефектите од ова би биле топење на внатрешноста на Плутон, а некои научници сметаат дека топлината би била доволно јака за да ги одржува океаните во течна состојба во текот на милијарди години, а можеби и до денес. Понатаму, соодносот на големините на Плутон и неговата месечина, како и нивната взаемна интеракција можат најсигурно да се објаснат со постоње на долготрајни океани.

Знаеме дека со тек на времето планетите и нивните месечини се поврзуваат силно. Ние со Месечината сме во првата фаза, кога сателитот е секогаш насочен со истата страна кон Земјата, ротирајќи со иста брзина. Соодносот помеѓу Плутон и Харон е на наредното ниво бидејќи и двете тела се постојано меѓусебно насочени со истата страна, при што времето на нивните ротации и орбити изнесува 6.4 дена. Ова е двојно синхронизирана состојба и не постојат други тела во Сончевиот систем кои го достигнале тој стадиум. Но, се очекува во идинина Земјата и Месечината да ја достигнат истата интеракција од ваков тип.

Направени се и компјутерски симулации и сегашната ситуација со Плутон и месечината одговара на сценаријата кои вклучуваат присуство на течни океани. Но, вистинскиот одговор најверојатно ќе го добиеме во Јули, 2015 година кога се планира блиска посета на овие два објекти од страна на Нови хоризонти.

Извор: IFLS

Превод: Михаела Стојанова

Сподели.