Некои ѕвезди се највпечатливи на нивниот крај.
Бледата ѕвезда во средината на оваа глетка испушта прстени од гас и прашина веќе илјадници години во сите насоки. Сега Вселенскиот Телескоп Џејмс Веб на НАСА за прв пат откри дека оваа ѕвезда е обвиткана во прашина.
Оваа планетарна маглина (NGC 3132) е насликана преку двете камери на Џејмс Веб и е позната под името Јужна Прстенеста Маглина. Таа се наоѓа на околу 2 500 светлосни години од нас.
Преку Џејмс Веб астрономите ќе истражуваат многу карактеристики кај ваквите планетарни маглини од облаци на гас и прашина останати од мртви ѕвезди. Преку откривање на составот на секој слој од гас и прашина научниците ќе научат многу за овие објекти.
На сликите можеме да ја забележиме Јужната Прстенеста Маглина речиси „право лице в лице.“ Но кога би можеле да ја погледнеме и од страна, нејзиниот три-димензионален облик би изгледал како две длабоки чинии споени кај нивното дно, како да се отвораат сѐ пошироко и пошироко од една голема дупка во центарот.
Во пејзажот има две ѕвезди кои орбитираат една околу друга во многу тесни орбити. Инфрацрвените набљудувања на Џејмс Веб изобилуваат со нови детали од овој комплексен систем. Ѕвездите и нивните слоеви од светлина се поизразени на левата слика добиена со Камерата за Блиска Инфрацрвена светлина (Near-Infrared Camera – NIRCam) на Џејмс Веб. Сликата од Камерата за Средна Инфрацрвена светлина (Mid-Infrared Instrument – MIRI) на Џејмс Веб е прикажана од десно и на неа за прв пат можеме да забележиме дека ѕвездата е обвиена со прашина. Посветлата ѕвезда е во рана фаза од нејзината ѕвездена еволуција и веројатно таа ќе ја исфрли планетарната маглина во иднината.
Дополнително, посветлата ѕвезда влијае врз изгледот на маглината. Како што орбитираат ѕвездите околу себе, тие „го мешаат котелот“ од гас и прашина и предизвикуваат асиметрични облици.
Секој слој претставува епизода во која бледата ѕвезда изгубила малку материја. Пошироките и подалечни слоеви настанале претходно на истиот начин. Слоевите кои се најблизу до ѕвездата се најнови. Со внимателна анализа на секој слој во правилниот редослед, истражувачите ќе можат да научат за историјата на системот.
Исто така, преку сликите од NIRCam може да се забележат исклучително правилни зраци на светлина околу планетарната маглина. Светлината од ѕвездите минува само онаму каде има дупки во облаците од гас и прашина, исто како кога сончевата светлина поминува меѓу два облаци.
Со оглед на тоа дека планетарната маглина постои десетици илјади години, ова е како да гледате филм во забавена снимка. Секој слој од формиран од ѕвездите претставува шанса за научниците да ги проучат облаците од гас и прашина кои се присутни во слојот.
Како што ѕвездата исфрла нови слоеви од материја, прашина и молекули, така се менува и пејзажот. Со текот на времето, оваа област ќе се збогати со материја и ќе стане меѓуѕвезден медиум. Уште повеќе, меѓуѕвездените медиуми имаат долг животен век, па така можат да патуваат низ вселената билиони години и да завршат во некоја ѕвезда или планета.
За илјадници години од сега, овие слоеви од гас и прашина ќе се растурат во околниот простор.
Превод: Теодор Ангеловски
Извор: nasa.gov