Астрономите открија „порамнување“ на квазарите по должина од милијарди светлински години

0
Квазарите одделени со милијарди светлински години се наредени на еден мистериозен начин. Астрономите, гледајќи во речиси 100 квазари, откриле дека централните црни дупки на овие ултра-светли, далечни галаксии имаат ротациски оски кои се подредени едни со други. Овие порамнувања се најголемите во Универзумот.

Уметнички приказ кој шематски покажува мистериозно подредување на ротирачките оски на квазарите (бело) и големите структури (сино) кои ги населуваат. Ротационите оски од црните дупки на квазарите се означени со линија. Заслуги: ESO/М. Kornmess

Квазарите одделени со милијарди светлински години се наредени на еден мистериозен начин. Астрономите, гледајќи во речиси 100 квазари, откриле дека централните црни дупки на овие ултра-светли, далечни галаксии имаат ротациски оски кои се подредени едни со други. Ова „порамнување“ на квазарите претставува најголемото во Универзумот.

Квазарите се едни од најјасните познати објекти, а во центарот на овие супер-светли јадра на галаксиите се наоѓаат многу активни супермасивни црни дупки. Црната дупка е опкружена од ротирачки диск составен од екстремно топол материјал, кој се исфрла во долг млаз долж ротациската оска на квазарот.

Користејќи го големиот телескоп од Европската Јужна опсерваторија во Чиле (ESO VLT – European Southern Observatory’s Very Large Telescope), тимот предводен од Демијан Хутсемекерс од Универзитетот во Лиеж во Белгија проучувал 93 квазари за кои е познато дека формираат големи групации. Ние ги гледаме сега, во време кога Универзумот бил само околу една третина од сегашната возраст. „Прво чудно нешто кое го забележав беше тоа што некои од ротациските оски на квазарите беа поврзани едни со други и покрај фактот што овие квазари се оддалечени милијарди светлински години“, вели Хутсемекерс во изјавата за печатот.

Така, тимот сакал да дознае дали оските на ротација биле поврзани во тоа време, не само едни со други, туку и за структурата на Универзумот на големи размери. Гледајќи во дистрибуцијата на галаксиите во размери од милијарди светлински години, астрономите откриле дека галаксиите не се рамномерно распоредени. Тие формираат мрежа од нишки и концентрации околу огромните меѓугалактички празнини. Овој начин на организирање на материјалот е познато како структура со големи размери.

Тимот не можеше директно да ги види ротацискте оски или млазевите на квазарите. Наместо тоа, тие ја измерија поларизацијата на светлината од секој квазар и најдоа значително поларизиран сигнал за 19 од нив. Насоката на оваа поларизација помага да се одреди аголот на дискот и правецот на оската на вртење на квазарот.

Овие нови сознанија укажуваат на тоа дека оските на ротација на квазарите имаат тенденција да бидт паралелни со големи структури што ги населуваат. Тоа значи дека ако квазарите се во долга нишка, оските на ротација на нивните централни црни дупки ќе водат директно по должината на нишката од големата структура на која ѝ припаѓаат (видете на сликата погоре). Според нивните проценки, има само еден процент на веројатност дека овие траси се едноставно резултат на среќа.

„Корелација помеѓу ориентацијата на квазарите и структурата на која ѝ припаѓаат е важно предвидување на нумеричкиот модел за еволуцијата на Универзумот“ вели ко-авторот на студијата, Доминик Слусе од Институтот за астрономија Аргеландер во Бон, Германија. „Порамнувањата во новите податоци, на скали дури и поголеми од сегашните предвидувања од симулациите, можат да бидат знак дека постои елемент што недостига во нашите сегашни модели за Вселената.”

Откритието беше објавено во списанието за Астрономија и Астрофизика (Astronomy & Astrophysics јоурнал) оваа недела. Подолу е дадена деталена симулација на голема структура во центарот на масивен галактички кластер. Дистрибуцијата на темната материја е прикажана во сина, а дистрибуцијата на гас во портокалова боја. Прикажаниот регион е со димензии од околу 300 милиони светлински години.

Заслуги: Illustris Collaboration

Превод: Боро Костевски

Извор: IFLS

Сподели.