Астероидот “Бог на хаосот” може да се трансформира од земјотреси и одрони за време на прелетувањето покрај Земјата во 2029 година, открива студија

0

Кога астероидот “Бог на хаосот” Апофис ќе направи многу близок прелет покрај Земјата во 2029 година, гравитацијата на нашата планета може да предизвика потреси и лизгање на земјиштето кои целосно ќе ја променат површината на астероидот.

апофис 1

Илустрација на масивен астероид упатен кон Земјата. Астероидот “Бог на хаосот” Апофис ќе дојде исклучително близу до Земјата во 2029 година. Кредити: ЕСА – П. Карил

Именуван по Апеп, древниот египетски бог на хаосот, Апофис е астероид долг 340 метри, во форма на кикирика. Иако удар со вселенска карпа со таква големина нема да ја уништи нашата планета, тој лесно може да уништи град.

Кога Апофис беше откриен во 2004 година, астрономите пресметале дека може да помине исклучително блиску до Земјата во 2029 година. Подетални набљудувања, направени во 2021 година, им овозможиле на научниците да ја одредат патеката на Апофис со поголема точност, откривајќи дека има помала шанса да ја погоди Земјата отколку што истражувачите првично процениле. Во моментот, се предвидува дека Апофис ќе дојде до 32 000 километри од Земјата на 13 април 2029 година, што ќе го донесе поблиску од некои вештачки сателити.

Со оглед на тоа растојание, Апофис веројатно нема да влијае многу на Земјата, но, како ќе помине самиот астероид после оваа блиска средба?

Ова прашање го заинтригирал Роналд Луис Балуз, научник за астероиди во лабораторијата за применета физика на универзитетот Џон Хопкинс. “Мали метеороиди постојано ги бомбардираат површините на астероидите во процес наречен вселенско атмосферско влијание”, изјавил Балуз за Live Science. Меѓутоа, Балуз додава дека, астрономите одамна забележале дека астероидите кои поминуваат близу планети како Земјата, честопати немаат изветвени површини.

“Точниот физички механизам кој ги отстранува доказите за атмосферските влијанија не е добро познат”, вели Балуз. Една од можностите е дека гравитацијата на планетата ги привлекува камењата на површината на астероидот, фрлајќи ги и откривајќи го слојот под нив.

За да ја тестира оваа хипотеза, Балуз заедно со група интернационални истражувачи направиле компјутерски модели на Апофис. Малку се познати физичките карактеристики на астероидот, па така истражувачите ги базирале своите модели на сличен астероид, Итокава, кој е проучен во поголеми детали. Потоа, истражувачите го симулирале движењето на секој модел кон Земјата, следејќи ги и големите и малите физички промени.

апофис 2

Приказ на астероидот Итокава, кој бил користен како замена за астероидот Апофис во новото истражување. Кредити: ЕСА

Истражувачите откриле дека два физички процеси, предизвикани од гравитацијата на Земјата, најверојатно ќе ја изменат површината на Апофис за време на неговата средба во 2029 година.

Првиот процес се земјотреси, кои најверојатно ќе започнат еден час пред Апофис да ја достигне својата најблиска точка до Земјата и ќе продолжи кратко време по тоа.

“Јачината на земјотресите е тешко да се одреди” – вели Балуз. “Меѓутоа, гравитацијата на Апофис е околу 250 000 пати помала од таа на Земјата, па затоа мислиме дека настани од многу помала големина би можеле лесно да ги потресат работите на неговата површина” – додава Балуз.

Ова значи дека земјотресите може да бидат доволно интензивни за да подигнат камења од површината на Апофис. Додека некои камења може да избегаат, повеќето ќе паднат назад на Апофис, создавајќи различни површински модели, кои може да бидат идентификувани од некое вселенско летало во близина.

Другиот процес, кој би можел да ја “освежи” површината на Апофис, е промената во неговото превртување. Превртувањето се случува затоа што астероидот не ротира по фиксна оска или времински период, наместо, се превртува низ просторот како лошо фрлена топка за рагби.

Неповрзана студија од 2023 година, покажа дека гравитацијата на Земјата би предизвикала астероидот да се ротира или побрзо или побавно, во зависност од неговата ориентација за време на средбата во 2029 година. Новите симулации го потврдија ова откритие.

Тие исто така откриле дека промените во превртувањето на Апофис ќе предизвикаат дестабилизација на наклонетите страни на површинските карпи, потенцијално предизвикувајќи лизгање на земјиштето во екстремни случаи. За разлика од земјотресот, овие промени ќе се случуваат постепено, во текот на десетици илјади години.

Резултатите не предвидуваат само како Апофис ќе помине по средбата во 2029 година. Според Балуз, тие воведуваат нов механизам за освежување на површината на астероидот што може да даде одговор на долгогодишниот проблем за тоа колку блиски планетарни средби можат да ги модифицираат малите површини на телото.

Балуз и неговите колеги се надеваат дека мисијата на НАСА – OSIRIS-APEX ќе ги потврди нивните хипотези. Вселенското летало кое собираше примероци од астероидот Бену е пренасочено кон Апофис и е закажан да го проучува за време на неговата средба во 2029 година. Ќе се сретне со астероидот 18 месеци за да го проучи неговиот хемиски состав и да ја картографира неговата површина.

Превод: Маца Николова

Извор: space.com

Сподели.