Новостите од опсерваторијата Чандра откриваат џиновска планета која влијае на однесувањето на својата ѕвезда, односно прави да се однесува како постара одошто навистина е. Ѕвездата WASP-18 и планетата WASP-18b се на 330 светлински години од нас. Планетата има маса 10 пати поголема од Јупитер и ја завршува својата орбита околу ѕвездата за 23 часa, поради што спаѓа во категоријата жешки Јупитери.
Ова е првиот откриен случај планета да влијае на однесувањето на ѕвездата, која инаку има маса слична на нашето Сонце. Според компјутерските модели и други пресметки, оваа ѕвезда е од 500 милиони до 2 милијарди години стара, што значи дека е релативно млада. Како за споредба, нашето Сонце се смета за средновечно со своите 5 милијарди години.
Помладите ѕвезди се повеќе активни, со силни магнетни полиња и бури и многу поинтензивни емисии на X-зраци. Овие појави се поврзани со ротацијата на ѕвездата, која генерално се намалува со текот на времето. Откако астрономите ја набљудуваа ѕвездата WASP-18 не наидоа на никакви рентген зрачења и според сите направени процени оваа ѕвезда се однесува како да е стотина пати постара од вистинската возраст. Научниците расправаат на темата дали гравитациските сили од џиновската планета се директно одговорни за оваа појава и најверојатно ги попречиле магнетните полиња на самата ѕвезда. Силината на магнетните полиња зависи од конвекцијата, односно колку интензивно се меша гасот во внатрешноста на ѕвездата. Гравитацијата на планетата можеби предизвикала движења на гасот во внатрешноста кои ги намалиле магнетните полиња. Уште еден доказ за гравитациското влијание од планетата е високото количество на литиум кое беше најдено во првичните набљудувања на WASP-18. Вообичаено, литиумот со тек на времето се придвижува кон внатрешноста на ѕвездата каде се уништува преку нуклеарните процеси. Во овој случај е останато големо количество на литиум бидејќи е значително намалена конвекцијата.
Превод: Михаела Стојанова
Извор: Phys.org