Нова огромна планета можеби орбитира околу Проксима Кентаур

0

Проксима Кентаур е нашата најблиска соседна ѕвезда, оддалечена само 4.2 светлосни години. Има една планета која им е позната на астрономите и е потенцијален населив свет, Проксима б.

Во нова студија, истражувачите од италијанскиот Национален Институт за Астрофизика велат дека набљудувале промени кај активноста на ѕвездата кои укажуваат на тоа дека таа би можела да има уште една планета која во нивната публикација е именувана како Проксима ц (Proxima c).

Потенцијалната планета би била супер-Земја, односно планета која има маса поголема од Земјата, но доста помала од ледениот џин Нептун.

Доколку постои Проксима ц најверојатно не би била населива планета. Поради растојанието од нејзината ѕвезда таа би била планета со екстремно ниски температури, обвиена со загушувачка атмосфера составена од водород и хелиум. Но нејзината близина до нас би пружила единствена можност за проучување на нов ѕвезден систем.

Проксима ц би била супер-Земја на неочекувано место

Доколку е навистина постои, Проксима ц не би требало да се наоѓа таму каде што е. Астрономите мислат дека супер-Земјите се формираат околу „снежната линија“, односно најблиското растојание од ѕвездата каде што водата би можела да замрзне. Проксима ц се наоѓа далеку од таа линија и со тоа нејзиното постоење би можела да ја промени таа теорија.

Proxima c

A. Angelich (NRAO/AUI/NSF)/ALMA (ESO/NAOJ/NRAO)

Сепак, научниците сѐ уште не се сигурни дека планетата навистина постои.Тимот го направиле откритието со користење на техниката наречена радијална брзина. Планетите со своето орбитирање околу ѕвездата гравитациски влијаат на неа. Кога ѕвездата се помести, колку и да е минимално поместувањето, настанува промена во нејзиниот светлински спектар. Доколку тие промени се одвиваат циклично, претпоставката е дека тоа се должи на орбитирањето на планета.

Ваква циклична промена била идентификувана кај Проксима Кентаур, за која научниците заклучиле дека не е поврзана со движењата на веќе познатата планета Проксима б. Тоа укажува на присуство на друга планета, но сепак научниците не ја исклучуваат можноста дека се должи единствено на ѕвездената активност. Тимот се надева дека ќе открие повеќе докази со користење на податоци од Гаиа вселенскиот телескоп.

Гаиа телескопот беше лансиран во декември 2013 со амбициозна цел да направи тридимензионална мапа на галаксијата. Следното објавување на податоци од овој телескоп е планирано за ова лето и потоа уште едно во 2021. Кога ќе бидат објавени севкупните податоци сѐ уште не е познато.

Друг телескоп кој би им помогнал на научниците е Џејмс Веб Вселенскиот Телескоп кој треба да биде лансиран од страна на НАСА во март 2021.

Превод: Даница Ѓорѓевска

Извор: https://www.sciencealert.com

Сподели.