Планетата Девет можеби е примордијална црна дупка

0

Хипотетичката Планета Девет, за која се претпоставува дека се наоѓа негде во периферијата на нашиот Сончев систем, можеби воопшто не е планета. Според една нова студија објавена на 24 септември на pre-print серверот на arXiv, овој мистериозен и сè уште неоткриен објект можно е да е примордијална црна дупка.

Примордијалните црни дупки се стари и релативно мали црни дупки кои настанале набргу по Големиот Прскот. За нив се смета дека биле формирани како резултат на флуктуации на густината во раниот универзум. Дополнително, се верува дека примордијалните црни дупки со помала маса најверојатно испариле. Сепак, тие со поголема маса можеби сè уште постојат- иако никогаш не биле директно набљудувани.

Астрономите Јакуб Шолтц од Универзитетот во Дурхам и Џејмс Унвин од Универзитетот во Илионис, Чикаго, претпоставуваат дека примордијалните црни дупки би можеле да се наоѓаат многу поблиску до нас отколку што мислиме. Во неодамна објавениот труд, тие ја разгледуваат хипотезата дека Планета Девет, која теоретски орбитира околу Сонцето на растојание помеѓу 300 и 1000 AU (астрономски единици), можеби е токму една таква стара и компактна црна дупка.

При објаснувањето на оваа хипотеза, истражувачите се фокусираат на две нерешени гравитациони аномалии со слична маса: аномални орбити на транс-нептунски објекти (ТНО) и вишок на настани на микролеќа. Она што е интересно е дека и двата настана се должат на објекти со маси помеѓу 0,5 и 30 земјени маси.

Аномалиите на орбитите на ТЛО се претпоставува дека се предизвикани од нов гравитациски извор од надворешниот Сончев систем. И покрај тоа што е широко прифатено дека овој извор би можел да биде слободно-лебдечка планета, Шолтц и Унвин тврдат дека можноста за постоење на примордијална црна дупка не е неразумна и треба да се земе во предвид.

“Пронаоѓањето на слободно-лебдечка планета е водечко објаснување за потеклото на Планетата Девет, но ние сега покажуваме дека веројатноста за пронаоѓање на примордијална црна дупка е исто така веродостојна можност”, велат астрономите во трудот.

Сепак, докажувањето на оваа теорија би било тешко, затоа што таквата хипотетичка примордијална црна дупка, со маса од околу 5 земјени маси и радиус од околу 5 сантиметри, би имала Хокингова температура од приближно 0,004 К, што е поладно од космичкиот микробранов позадински фон. Така, моќноста што се зрачи од една типична примордијална црна дупка е мала, што го отежнува нејзиното откривање.

За да се надмине оваа пречка, авторите на трудот предлагаат потрага по сигнали на анихилација од микрохалото од темна материја околу примордијалната црна дупка. Таквата темна материја, ако е во процес на анихилација, се смета дека испушта моќен сигнал кој може да биде идентификуван преку набљудувања. Исто така, астрономите предложуваат барање на Х-зраци, гама-зраци и други високоенергетски космички зраци, кои би можеле да обезбедат дополнителни докази во корист на хипотезата за примордијална црна дупка.

Превод: Дефне Еминовска

Извор:phys.org

Сподели.