Уште кога астрономите го забележале Оумуамуа, првиот објект надвор од нашиот Сончев Систем, се создале многу повеќе прашања отколку одговори: – Што е тоа? Од каде доаѓа? Зошто е толку чуден?
Тим научници објавија дека можеби веќе направиле прогрес за второто прашање, стеснувајќи го потеклото на објектот на само четири ѕвезди.
Истражувањето е базирано врз основа на податоците собрани во јуни кои сугерираат дека ‘Оумуамуа не се движи низ вселената туку-така. Наместо тоа, изгледа дека кога самиот тој објект бил блиску до сонцето, се здобил со дополнителна брзина, како комета на пример, имал на себе нешто слично на мраз што можело да испари и да го поттикне објектот да се движи малку побрзо од вообичаеното.
Се смета дека тоа е причината која влијаела на траекторијата на Оумуамуа кон нашиот Сончев систем.
Потоа, научниците прегледале голема серија податоци од мисијата Гаја на Европската Вселенска Агенција за да ги обележат точните локации на ѕвездите. Тоа е важно не само да им овозможи на научниците да идентификуваат потенцијални сончеви системи, но и да пресметаат на кој начин блиските ѕвезди и нивната гравитација ги привлекуваат кон себе објектите од нивниот курс на движење.
Комбинирајќи ги тие две информации, тимот идентификувал четири можни ѕвезди од каде што би можел да потекнува Оумуамуа: црвеното џуџе HIP 3757, ѕвездата слична на сонцето HD 2992249 и уште две други ѕвезди.
Астрономите веруваат дека Оумуамуа (името значи “гласник што прв доаѓа оддалеку” на Хавајски) мора да доаѓа од сончев систем со најмалку една џиновска гасовита планета за да биде исфрлен надвор од истиот и да се движи низ универзумот. Инаку, колку што знаеме до сега, сите четири ѕвезди кандидати немаат планети околу нив – но тоа секогаш може да се смени.
Новото истражување е опишано во извештај објавен на 24 септември на сајтот arXiv.org и е прифатен за објавување во Астрофизички Журнал.
Превод: Христина Милошевска
Извор: Space.com