Откритијата од Аполо мисиите не престануваат!

0

Постојаните испитувања на донесените примероци од Месечината од мисијата Аполо доведуваат до нови откритија поврзани со нашиот природен сателит, како и за нашата планета.

Чарли Дјук (Charlie Duke) Астронаут од мисијата Аполо 16 собира примероци од Месечината

Чарли Дјук (Charlie Duke), астронаут од мисијата Аполо 16, собира примероци од Месечината.

Едно од последните вакви откритија се материи кои потекнуваат од подалечни региони од системот Земја – Месечина, што ја потврдува хипотезата дека овие два света порано биле жртва на големо “бомбардирање”. Она што ја поддржува оваа теорија е детектирањето на хондритиди во примероците од Месечината.

Хондритидите се метеори кои потекнуваат од најстарите астероиди, создадени уште во времето на формирање на нашиот Сончев систем. Тоа се и најретките метеорити на Земјата, но се претпоставува дека имало период кога на нашата планета паѓале многу од овие метеорити, исто како и на Месечината.

Месечината претставува одлично поле за анализа на вакви настани. Со оглед на тоа што на неа нема атмосфера и никакви атмосферски влијанија како ерозија, лизгања на површинското тло или тектонски движења, сите настани дури и од пред 4 милијарди години стојат недопрени како докази и само чекаат на нас да бидат откриени и анализирани.

Врз основа на анализите од неколку поголеми кратери на Месечината истите се случиле во периодот пред 3,85 милијарди години, од каде се претпоставува дека ова големо бомбардирање на Месечината и Земјата се случило некаде пред 3,9 милијарди години. Иако не се знае што точно го предизвикало тоа, дали станува збор за некој судир на астероиди или можеби повеќе комети поминале многу блиску, јасно е дека ова нешто се случило и директно влијаело на изгледот на нашата Месечина.

Временската линија од хипотезата за „бомбардирањето“ на Месечината.

Многу интересен е фактот што токму од овој период потекнуваат и првите фосили, докази за живот на нашата планета. Тоа може да нè наведе дека истото она што ги создало најголемите кратери на Месечината го нарушило и биолошкиот процес кој тогаш се развивал на Земјата за создавање на жив свет, или пак можеби токму тогаш бил и донесен органскиот материјал од кој се создале поголеми облици на живот на Земјата…или пак можеби и од двете по малку.

Превод: Борче Милчески

Извор: Univesre Today

Сподели.