Откриено „светлинско ехо“ од црни дупки кои растргнуваат ѕвезди

0
Откриено „светлинско ехо“ од црни дупки кои растргнуваат ѕвезди

Уметнички приказ на црна дупка која вовлекува ѕвезда, чија енергија ја загрева околната прашина. Заслуги: NASA/JPL-CALTECH

Супермасивните црни дупки се најмоќен тип на црни дупки, кои се наоѓаат во центарот на речиси сите досега откриени галаксии. Кога некоја ѕвезда ќе се доближи да таков тип на црна дупка, таа е растргната, притоа ослободувајќи огромна колчина на енергија. Астрономите можат да го забележат одблесокот од еден таков настан и сега се почнати нови истражувања при што се набљудуваат ефектите кои тој настан ги има на својата околина.

Енергијата од ова ѕвездено нарушување ја загрева прашината која ја опкружува супермасивната црна дупка, доведувајќи до ефект на сјаење на самата прашина во инфрацрвениот спектар. Астрономите можат да ги набљудуваат овие нагли промени, наречени светлински ехоа, и досега се забележени четири.

Мерејќи ја количината на светлината која зрачи од прашината околу супермасивната црна дупка, научниците можат да ја проценат количината на енергија од одблесокот со поголема прецизност од претходно.

„Ова е првпат да можеме јасно да ги видиме инфрацрвените ехоа од повеќе такви настани,“ вели во својата изјава Сјоерт Ван Велзен (Sjoert van Velzen), автор на едно од истражувањата.

Истражувањето на Ван Велзен, кое е достапно на интернет и ќе биде објавено во Astropk, зборува за пет можни настани каде во три се забележени светлински ехоа.

Во независно истражување, Нинг Жианг (Ning Jiang), истражувач на Универзитетот за наука и технологија во Кина, забележал четврто светлинско ехо. Ова е одек од светлината од блесокот ASASSN-14li, кој беше набљудуван минатата година.

Проучувањето на светлинските ехоа не открива информации за самиот блесок, но дава корисни информации за тоа како изгледа околината околу црната дупка.

„Црната дупка уништи се што се наоѓа помеѓу неа и оваа обвивка од прашина“, вели Ван Велзен. Црните дупки се опкружени со сферна мрежа од прашина на околу половина светлинска година од самите нив.

„Нашето проучување потврдува дека прашината е таму и може да ја искористиме за одредување колку енергија е генерирано при уништувањето на ѕвездата“, вели Варуџан Горџијан (Varoujan Gorjian), астроном во НАСА и соработник со Ван Велзен.

Двете истражувања се направени благодарејќи на податоците од WISE (Wide-field Infrared Survey Explorer), лансиран во 2009 од НАСА.

Превод: Мартин Јанков

Извор: IFL Science

Сподели.