Откриени мистериозни дамки на Плутон

0
Откриени мистериозни дамки на Плутон

Плутон и неговата месечина Харон. Заслуги: НАСА

Вселенското летало Нови хоризонти e најблиску досега до нашата омилена џуџеста планета и успеа да направи фотографии од ледената површина на Плутон. Благодарение на овие фотографии за првпат можеме да видиме серии од многу големи темни дамки рамномерно распоредедни долж екваторот.

Изворот на дамките не е јасен и тимот на НАСА е заинтригиран да открие како се тие толку рамномерно распоредени и со еднаква големина. НАСА објави дека секоја од нив е со дијаметар од 480 км. „Ова е вистинска мистерија. Сѐ уште не знаеме што претставуваат дамките и едвај чекаме да откриеме“, изјави главниот исражувач од Нови хоризонти, Ален Стерн.

Од фотографијата на која се гледаат Плутон и малата месечина Харон произлегуват и други прашања околу разликата во бојата. Харон е многу потемен и посив.

Со помош на инструментите Ралф и Лори ќе се испитува дали во атмосферата на Плутон циркулираат облаци. Ако се потврди дека во атмосферата има облаци, тогаш ќе може да се одредат брзините и насоките на ветровите на Плутон.

Нови хоризонти е на само седум дена од историското пролетување крај Плутон и неговите месечини. На 4 јули се случи мал проблем кога тимот изгуби контакт со леталото во времетраење од 80 минути и тоа се префрли во автоматски безбедносен режим. Нема место за паника, затоа што се очекува проблемот да се реши за неколку денови, а дотогаш нема да се собираат фотографии. За секој случај, постои план Б, програма со кој се блокира автоматскиот безбедносен режим и со која леталото и инструментите повторно ќе проработат.

Им посакуваме успешно да го извршат пролетувањето крај Плутон на 14 јули годинава.

Превод: Дарко Рафаиловски

Извор: Science Alert

Сподели.