Откриена е планета која наликува на Уран на 25.000 светлински години од нас

0
Откриена е планета која наликува на Уран на 25.000 светлински години од нас

Уран, седмата планета во нашиот Сончев систем. Извор: Lawrence Sromovsky, University of Wisconsin-Madison/W.W. Keck Observatory

Егзопланетите кои се карпести генерално ги споредуваме со Земјата, или ако се гасовити, со Јупитер. Сега, за првпат новооткриената планета е комбинација од гас и мраз, што потсетува на Уран.

Планетата има маса четири пати поголема од Уран и се наоѓа на околу 25.000 светлински години од нас, во близина на соѕвездието Стрелец и орбитира околу една ѕвезда која е дел од бинарен систем. Двете ѕведи имаат маса 0.7 и 0.2 пати од масата на Сонцето. Планетата е околу 18 астрономски единици оддалечена од ѕвездата, слично на просечната оддалеченост на Уран од Сонцето коај изнесува 19 астрономски единици. Поради оддалеченоста и големината на ѕвездата се претпоставува дека исто како и Уран, оваа планета е замрзната.

Наоѓањето егзопланети е многу тешко бидејќи светлината од ѕвездите вообичаено оневозможува забележување на други објекти околу нив. Најуспешната техника која се користи е преку забележување на транзитот на една планета пред ѕвездата. Притоа се блокира дел од светлината на ѕвездата во вид на точка и така знаеме дека станува збор за планета. Сепак, овој метод не е многу употреблив за планетите кои орбитираат далеку од нивните ѕвезди. Друг метод кој се користи за пронаоѓање планети е со гравитациска микролеќа. Ова подразбира забележување на искривувањето и фокусирање на светлината од далечните ѕвезди поради гравитациското влијание.

Извор: NASA/JPL

Само со методот на гравитациски леќи може да се откријат студените смрзнати џинови кои се далеку од ѕвездите, како Уран и Нептун. Овој метод, освен за орбитата, не открива дополнителни информации во врска со составот на една планета. Сепак, може да биде од огромна корист за да добиеме информации за формацијата и локацијата на нашите смрзнати џинови. Сè уште не е точно објаснето зошто овие две планети се толку далеку од Сонцето, со оглед на тоа што моделите предвидуваат дека тие би требало да бидат оформени многу поблиску одошто се. Една од теориите вели дека тие всушност се создале многу поблиску, но биле исфрлени нанадвор од околината на Јупитер и Сатурн.

Превод: Михаела Стојанова

Извор: IFLS

Сподели.