До сега, планетите беа класифицирани во две категории и тоа: карпести планети и гасовити џинови. Сепак, истражувачите од Харвард-Смитсоновиот центар за астрофизика (CfA) објавија откритие за трета категорија на планети: гасовито џуџе.
Иако нашиот Сончев систем се состои од мали карпести планети и огромни гасовити џинови, надвор од него постојат различни типови на планети. Користејќи ги податоците од Кеплер мисијата на НАСА, истражувачите откриле дека помалите гасовити планети се всушност доста честа појава во соседството на други ѕвезди. Категоријата на една планета е одредена според составот на околната ѕвезда.
Егзопланетите се премногу далечни за да бидат забележани преку светлината која ја одбиваат, со оглед на тоа што таа светлина е засенета од онаа на околната ѕвезда. Заради оваа причина, телескопот Кеплер ги идентификува егзопланетите и нивната големина преку мерењето на тоа колку од ѕвездената светлина ќе биде блокирана од страна на самата планета за време на нејзиниот транзит. Истражувачите го користат планетарниот радиус на орбита како и масата на ѕвездата со цел да ја одредат масата на планетата. Откако ќе се добијат масата и големината на планетата, астрономите можат да ја пресметаат густината на планетата, преку што се добива самиот состав на планетата.
Овој метод не е без своите недостатоци, со оглед на тоа што помали и побледи планети близу големината на Земјата се доста потешки за калкулации. Тимот на Буќав го заобиколил овој проблем преку мерење на количината на метал (металицитет) кај околната ѕвезда. Знаејќи дека планетите се формирани од истиот материјал како и самата ѕвезда, составот на ѕвездата се очекува да го одликува составот на планетата.
По анализата на 600 егзопланети од околу 400 околни ѕвезди, тимот пронашол дека има забележливи граници од аспект на големината и составот. Планетите кои се со големина поголема од 3.9 пати од големината на Земјата најверојатно претставуваат гасовити џинови, додека сите помали од 1.7 пати од големината на Земјата се најверојатно карпести планети. Средната група пак, ги претставува гасовитите џуџиња, кои имаат карпести јадра кои акумулираат гас креирајќи густа атмосфера од водород и хелиум.
Растојанието од ѕвездата влијае врз големината на карпестото јадро на планетата и колку тоа може да се зголеми пред да почне да создава густа атмосфера, со тоа што планетите кои се подалеку од ѕвездата стануваат доста големи пред да дојдат до фазата на гасовито џуџе. Ова всушност ни кажува дека нема горна граница за големината на карпестите планети.
Тимот дополнително открил дека малите, карпести планети имаат сличен металицитет (количина на метал во состав) како нашето Сонце, додека системите со повеќе гасовити џинови имаат околу 50% повеќе метал од нашето Сонце.
“По сè изгледа, постои одредена идеална граница на металицитет за добивање на планети со големината на Земјата, а таа граница е слична со количината кај нашето Сонце. Тоа има логика, со оглед на тоа што кај пониски граници на металицитет имаме помала количина на материјал за планети, додека со висок металицитет повеќе се добиваат гасовити џинови.“, вели гланвиот автор, Чарлс Буќав.
Се разбира, металицитетот не е единствениот фактор кој влијае врз регулирањето на тоа кој тип на планети ќе присуствуваат во одреден систем; постојат многу други фактори кои треба да бидат земени во предвид. Дополнително, како што добиваме податоци од Кеплер, можно е да добиеме различна перспектива, со оглед на тоа што досега се разгледуваат премините на внатрешните планети оклу своите ѕвезди. Идните изучувања ќе ги опфаќаат и надворешните планети со дополнителни информации.
Извор: IFLS
Превод: Бојан Андоновски