Огромен судирен кратер под Гренланд би можел да објасни климатски промени во леденaтa доба

0

Ова случајно откритие би можело да биде засега најдобриот доказ дека мистериозниот десетвековен период познат како Млад Дријас бил предизвикан од метеорит.

Топографија под глечерот Хијавата во Гренланд, мапиран со податоци од воздушен радар. (1997 to 2014, НАСА; 2016 Институт Алфред Вегенер). Црните триаголници и виолетовите кругови се издигнати врвови околу работ и во центарот. Точкастите црвени линии и црните кругови ги покажуваат местата каде што имало дополнителни испитувања. Заслуги: Кјаер и др./Science Advances

Површината на Земјата е во најголем дел исцртана, мапирана и измерена. И по пат, научниците имаат откриено мноштво кратери со различни големини. Но еден кратер отсекогаш недостигаше.

Пред 12800 години, за време на плеистоценот, Земјата се затоплуваше по последната ледена доба. Температурите пополека се креваа додека глечерите се повлекуваа, се додека не се случи нешто што предизвика ладен бран доволно голем за да остави трага во геолошкиот запис. Во текот на неколку децении – само еден миг во геолошко време – планетата се олади за 2 до 6 степени Целзиусови. Последователниот период е познат како Млад Дријас, мистериозен илјадагодишен трепет во историјата.

Многу научници имаат предложено – со докази – дека Младиот Дријас бил предизвикан од метеорит. Но други се спротивставуваат, предлагајќи дека климатските циклуси кои произлегувале од северниот Атлантик биле привремено прекинати од вулкански ерупции или, наизглед омилената теорија, некаква слатководна поплава. Но, за научниците главната пречка кон прифаќањето на сударната хипотеза е едноставна: нема кратер.

Но истражување објавено во отвореното списание Science Advances предлага дека можеби и не сме го превртеле секој камен.

Овој труд, предводен од Курт Кјаер, професор при Музејот за природна историја на Данска и Универзитетот на Копенхаген, опишува претходно превиден кратер со пречник од 30,6 километри кој досега се криел на видело во глечерот Хијавата во северен Гренланд. Всушност, тој се наоѓа на само 240 километри 150 милји од воздухопловната база Туле – најсеверната база на воздушните сили на САД и местото од каде што полетаа IceBridge авионите на НАСА. Една третина од облиот оцрт на кратерот е видлива на Google Earth.
Дали е ова можеби бараниот кратер од младиот Дријас? Тоа зависи од колку е стар, но сеуште не е прецизно датиран. Засега, истражувачите можат со сигурност да кажат само дека е стар меѓу 3 милиони и 12 илјади години – дефинитивно од плеистоценот.

Датирање ваков кратер е возможно, но бидејќи е толку длабоко под мразот во толку оддалечено место, тимот не можеше само да застане и да собере неколку примероци за испитување. Кјаер вели дека работат на предизвикување доволно интерес за да тргнат на онаква теренска експедиција која би можела да прокопа низ километар од мраз, во самиот кратер.

Овој најнов труд ги опишува доказите искористени за да се утврди дека оваа необична кружна појава е всушност кратер предизвикан од астероид. Но првичните старосни проценки покажуваат дека е барем можно ова да е 12800-годишниот кратер кој е стремеж на многу научници со децении. Засега, ќе мораме да се стрпиме.

Приказ на прегледот од ледениот радар над глечерот Хијавата од истражувачкото летало Полар 6 на институтот Алфред Вегенер. Радарските податоци ги откриваат и топографијата под мразот и таложењето на самиот мраз. Заслуги: Музејот за природна историја на Данска, Лабораторија за криосферични науки, НАСА Годард центар за вселенски летови, Гринбелт, Мериленд, САД

Како го пронајдоа кратерот

Истражувачкиот тим не беше во потрага по кратери. Тие беа во Гренланд за да мапираат арктички морски мраз со IceBridge проектот на НАСА кога низа на среќни околности ги доведе до ова откритие.

Џо Мекгрегор, коавтор на трудот кој работи за IceBridge проектот на НАСА, вели дека ја имал таа среќа да биа на вистинското место во вистинското време за да се вклучи во проектот за кратерот.

За да се спроведат прегледите на IceBridge, објаснува Мекгрегор, еден тим прелетува авион над мразот и користи радари за да ја мапира неговата дебелина. За да го направат ова, тие мора да летаат прилично ниско. Но додека летаат кон местото на прегледот тие летаат многу повисоко – 3000 до 4500 метри (10000 до 15000 стапки) – за да заштедат на гориво. Секако, радарите не работат на оваа висина.

Глечерот Хијавата, северно од воздухопловната база Туле каде што беа поставени, беше точка која што често ја прелетуваа на пат кон прегледите.

„Се погоди луѓето кои ги местеа радарите истите најчесто да ги испробуваат на големи височини,“ вели Мекгрегор. Изненадувачки, инструментите успеаја да работат, со тоа мапирајќи го глечерот.

Прегледувајќи ја мапата произведена од радарот, неколку научници од тимот ја забележаа длабнатината во форма на кратер во глечерот Хијавата.

„Имаше една голема кружна одлика во северозападен Гренланд,“ вели Кјаер. „Се замисливме: можно ли е ова? Можно ли е ова да е судирен кратер?“

„Секако, тогаш големиот предизвик беше да дознаеме дали ова навистина е судирен кратер,“ вели Кјаер.

Курт Кјаер собирајќи примероци од песок пред глечерот Хијавата. Песоков бил пренесен од глечерот од дното на судирниот кратер до работ на мразот, и придонесе мноштво информации за сударот. Заслуги: Свенд Фундер

Како да се потврди постоењето на судирен кратер

Иако би било одлично да се најде огромно парче вселенски камен или бебе Кларк Кент за да се потврди вонземското потекло на една геолошка длабнатина, научниците обично немаат толку среќа при истражување на предисториски кратер. Но постојат неколку знаци кои назначуваат дека големата округла дупка во земјата била направена од метеор.

На пример, постојат некои минерали, како кварцот, чии особини значително се менуваат при изложување на физичката сила и притисок на еден метеор. Овие промени ги прават минералите во еден кратер наизглед различни од оние во околниот камен.

Ендрју Гликсон, научник за Земјата при Австралискиот државен универзитет кој проучува судири со астероиди, не беше вклучен во ова истражување, но според него „истото претставува реална структура на судар.“

Но други, како Дејвид Кринг во Месечевиот и планетарен институт, сеуште се сомневаат. Кринг коментира дека „е тешко целосно да се проценат податоците кои поддржуваат сударен метаморфизам, па сеуште не сум сигурен дека постојат убедливи и дијагностички докази за судирот.“ Кринг беше важен при потврдувањето на улогата на сударот кој го предизвикал кратерот Чикхулуб во масовното истребување на диносаурусите (K-T boundary mass extinction).

Поврзаност со Младиот Дријас?

Авторите, нивните критичари и нивните поддржувачи се на чисто со едно нешто: сеуште е прерано да се поврзе овој кратер со младиот Дријас. Но, претпоставувајќи дека кратерот е вистинска судирна точка, ако последователно датирање покаже дека е стар 12800 години последиците од тоа ќе бидат далекодосежни.

Ако староста на овој кратер се датира до 12800 години, истиот секако ќе биде ословен како зачетокот на Младиот Дријас и со тоа би ја завршил децениската расправа. Дополнително, бидејќи кратерот се наоѓа на гренландскиот леден покривач, можно е судирот да ја предизвика токму онаа слатководна поплава на северниот Атлантик која ја поддржуваат противниците на теоријата за кратерот.

Удирањето на леден покривач со метеорит може да предизвика бројни феномени поврзани со вода. Според Ален Вест, пензиониран геофизичар, сударот би можел да испари мраз, ослободувајќи молекули на вода во воздухот кои подоцна би наврнале назад на Земјата; би можел да го разниша мразот така што тој би се одлизгал во водата; би можел да создаде санти мраз. Било која од овие појави, или збир од неколку од нив, би можела да доведе до слатководна поплава во северниот Атлантик.

Со полна пареа

Сеуште има многу да се дознае за новиот кратер, вклучувајќи ја неговата старост и влијанието кое го имал на тогашната клима, било да е младиот Дријас или не. „Има многу нови потенцијални правци кои можат да се проследат по ова откритие,“ вели Кјаер.

Кјаер вели дека без разлика на влијанието на овој кратер, тој е возбуден дека откритието сепак беше возможно. „Мислам дека е многу возбудливо дека земајќи ја во предвид сегашноста, сеуште можеме да излеземе надвор во светот и да откриеме нешто што е толку големо, а никој дотогаш го немал забележано,“ вели Кјаер. Површината на светот е прочешлана со секакви инструменти, сателити или штогоде, но сеуште може да се бара и да се открие нешто вакво. Мислам дека ако бев млад научник или некој што сака да проучува, би се восхитил дека добата на откритија сеуште е чесна.“

Превод: Јоаким Јаковлески

Извор: Astronomy.com

Сподели.