Објавени нови спектакуларни фотографии од Плутон

0
Објавени нови спектакуларни фотографии од Плутон

Фотографија која го прикажува погледот кој би го имале доколку се наоѓате на оддалеченост од околу 1.800 километри од екваторот на Плутон. Заслуги: NASA/Johns Hopkins University Applied Physics Laboratory/Southwest Research Institute

Исчекувањето конечно заврши: НАСА ги објави најновите фотографии од најпопуларната џуџеста планета, Плутон. Восхитувачките фотографии откриваат разновиден и комплексен терен.

„Плутон ни покажува разноликост на топографијата и сложеност на процесите различни од било што досега видено во Сончевиот систем,“ изјавува главниот истражувач на Нови Хоризонти, Алан Стерн. „Доколку Плутон би бил нацртан од страна на уметник пред нашиот прелет, веројатно цртежот би го сметал за претерување; всушност, се работи за токму таква површина.“

Објавени нови спектакуларни фотографии од Плутон

Во центарот на оваа фотографија се наоѓа површината на северозападниот раб на рамнината Спутник (Sputnik Planum). Заслуги: NASA/Johns Hopkins University Applied Physics Laboratory/Southwest Research Institute

Во нешто помалку од два месеци откако прелета покрај системот на Плутон, Нови Хоризонти (New Horizons) пропатува повеќе од 69 милиони километри и тукушто започна со едногодинешното испраќање на податоци, носејќи ни фотографии и скапоцени научни информации. Најновите фотографии откриваат неверојатно сложени површински одлики на резолуција од 400 метри на пиксел, со тоа што најмалите видливи карактеристики имаат ширина од нешто под километар. Забележливи се темни, древни земјишта прекриени со кратери, како и светли, мазни површини кои геолошки се многу млади. Видливи се и групи од планини и форми кои личат на дини. Би било многу интересно доколку тоа навистина се дини, затоа што атмосферата на Плутон денес е многу ретка и не го дозволува нивното создавање – можеби се работи за процеси кои досега не ни се познати.

Фотографија добиена на 5-ти септември годинава, на која поголемиот дел го сочинува замрзнатата рамнина Спутник (Sputnik Planum). Најмалите видливи детали имаат големина од 0.8 километри. Заслуги: NASA/Johns Hopkins University Applied Physics Laboratory/Southwest Research Institute.

Според истражувачите, површината на Плутон е сложена исто колку што е и онаа на Марс. Интересно е што се пронајдени се докази за текови на азотен мраз кои извираат од планинските предели.

Објавени нови спектакуларни фотографии од Плутон

Фотографија направена од Нови Хоризонти на 14-ти јули 2015 година, на оддалеченост од 80.000 километри од Плутон. Заслуги: NASA/Johns Hopkins University Applied Physics Laboratory/Southwest Research Institute.

Благодарение на Нови Хоризонти, знаеме дека атмосферата на Плутон е замаглена. Сепак, новите фотографии покажуваат дека оваа магла можеби има поголемо значење – се прикажуваат голем број на слоеви во нејзини рамки, па дури и можност за феноменот познат како крепускуларни (т.н. самрачни) зраци, односно сенки кои врз маглата ги фрлаат објекти како планински венци, или пак кога облаците се испречуваат пред Сонцето, какви што може да се видат на Земјата.

Фотографија од замаглените слоеви на атмосферата на Плутон. Заслуги: NASA/Johns Hopkins University Applied Physics Laboratory/Southwest Research Institute.

Во деновите што следат, се очекува да пристигнат фотографии од три од петте месечини на Плутон: Харон, Никс и Хидра. Со нетрпение очекуваме да откриеме кои се особеностите на секоја од месечините, и да дознаеме повеќе за историјата на Харон.

Најголемата месечина на Плутон, Харон. Заслуги: NASA/Johns Hopkins University Applied Physics Laboratory/Southwest Research Institute.

Превод: Марина Димовска

Извор: IFL Science

Сподели.