Нуклеарните „тестенини“ би можеле да бидат најсилниот материјал во универзумот

0

Најсилното нешто во универзумот можеби се крие во оваа неутронска ѕвезда. Заслуги: NASA/JPL-Caltech

Како да зготвите „нуклеарни тестенини“ во три лесни чекори:

1. Зовријте една голема ѕвезда на умирање додека не стане супернова и експлодира. (Ова може да потрае и милијарда години, па бидете трпеливи.)

2. Јако измешајте ги сите преостанати протони и електрони во збрчканото смалено јадро на ѕвездата додека не се соединат во супа од ултрагусти неутрони. Применете го потребното количество на гравитација (по ваша мерка).

3. Со готварски шприц пренесете ја смесата во херметички затворена сфера со големина на Торонто. Покријте со кристална кора и послужете на температура од 600000 степени Целзиусови.

Само што ја зготвивте една од најчудните смеси во универзумот – нуклеарни тестенини.

Веќе неколку години астрофизичарите се обидуваат да ја сварат идејата дека ваква шпагетеста сплетка од материја би можела да се крчка во неутронските ѕвезди – релативно малите, но неверојатно густи ѕвезди кои се формираат откако масивни сонца ќе колабираат заради сопствената гравитација.

Исто како и макароните на баба ви, нуклеарните тестенини се одлични остатоци (веројатно ќе бидат и единствените остатоци во една ѕвезда откако ќе експлодира како супернова). Но, за разлика од тестенините од Земјата, нуклеарните тестенини се можеби и најсилната супстанца во универзумот.

Во ново истражување, тим на истражувачи од САД и Канада извршија низа на компјутерски симулации за да ја испитаат силата на нуклеарните тестенини врз основа на се што знаеме за условите во неутронската ѕвезда, каде што се формираат. Тимот утврди дека за да се скрши чинија со нуклеарни тестенини би била потребна сила 10 милијарди пати поголема од силата потребна за да се скрши челик.

„Ова значи дека нуклеарните тестенини се можеби и најсилната материја во целиот универзум,“ пишуваат истражувачите во нивниот нов труд.

Поголем дел од силата на нуклеарните тестенини доаѓа од нивната густина. Се мисли дека нуклеарните тестенини постојат само во внатрешноста на неутронските ѕвезди, кои се формираат кога масивни ѕвезди (барем осум пати поголеми од Сонцето) колабираат од сопствената гравитација. Заради ова неутронските ѕвезди собираат маса колку таа на Сонцето (или повеќе) во компактно јадро со пречник од околу 20 километри. За да можете да видите колку неверојатно густо е ова, замислете ја масата на 1,3 милиони Земји спикана во еден американски град.

За да може да постои во такви екстремни услови, се во една неутронска ѕвезда станува многу, многу потешко од се друго во универзумот. Според објава на блогот на НАСА во 2007, материја со големина на една шеќерна коцка би тежела повеќе од милијарда тони во неутронска ѕвезда – отприлика тежината на Монт Еверест.

Според нови истражувања, нуклеарните тестенини би можеле да станат толку силни и собрани што би можеле да се наталожат и да формираат мали „планини“ кои би ја подигнале кората на некои неутронски ѕвезди. Како што тие ѕвезди се вртат околу сопствената оска (а неутронските ѕвезди ова можат да го прават неверојатно брзо), овие подигнати грутки теоретски би можеле да создадат бранови во околното простор-време – попознати како гравитациски бранови.

Гравитациските бранови се забележани на местото на судир на две неутронски ѕвезди – но дали нуклеарните тестенини имаат некаква улога во тоа ќе се дознае по многу понатамошни проучувања. Бездруго, да се надеваме дека ова истражување ќе им даде на многу вселенски ентузијасти апетит за повеќе одговори.

Превод: Јоаким Јаковлески

Извор: Space.com

Сподели.