Новооткриена егзопланета можеби е најдобриот кандидат во потрагата по знаци за живот

0
Новооткриена егзопланета можеби е најдобриот кандидат во потрагата по знаци за живот

Егзопланетата LHS 1140b, која орбитира околу црвеното џуџе оддалечено од Земјата 40 светлински години, е кандидат за „најдоброто место за истражување на знаци за живот надвор од Сончевиот Систем“. Со помош на HARPS и други телескопи низ светот, меѓународен тим од астрономи ја откри супер-Земјата која орбитира во зоната погодна за живот околу бледата ѕвезда LHS 1140. Овој свет е малку поголем и многу помасивен од Земјата, и веројатно ја има задржано атмосферата. Заслуги: ESO/spaceengine.org

Новоотркиената супер-Земја LHS 1140b орбитира во зоната погодна за живот околу бледата ѕвезда LHS 1140, која е црвено џуџе сместено во соѕвездието Кит (Cetus). Црвените џуџиња се многу помали и поладни од Сонцето, и иако LHS 1140b е десет пати поблиску до неговата матична ѕвезда отколку Земјата до Сонцето, тоа прима половина од светлината на својата ѕвезда, споредено со Земјата, а лежи во средината на зоната погодна за живот. Од Земјата е видлив работ на орбитата, и, како што егзопланетата поминува пред матичната ѕвезда, на секои 25 дена прави мала блокада на светлината која ѕвездата ја испушта.

„Ова е највозбудливата егзопланета што сум ја видел изминатава деценија“ изјави Џејсон Дитман, од Центарот за астрофизика Харвард-Смитсон (Кембриџ, САД). „Тешко може да се надеваме за подобра цел, која би одговорила на една од најголемите потраги во науката – барање на докази за живот надовор од планетата Земја“.

„Постоечките услови на црвеното џуџе се особено поволни – LHS 1140 ротира побавно и послабо испушта радијација со висока енергија во споредба со сличните ѕвезди со мала маса“ објаснува член на тимот, Никола Астудило Дефру, од Опсерваторијата Женева во Швајцарија.

За да постои живот каков што го познаваме, планетата мора да има течна вода на површината и да содржи атмосфера. Кога црвените џуџиња се млади, познато е дека испуштаат радијација која ја уништува атмосферата на планетите кои орбитираат околу нив. Во овој случај, големината на планетата укажува дека можеби милиони години на површината постоел океан од магма. Овој жежок океан од лава веројатно ја хранел атмосферата со водена пареа долго време откако ѕвездата се стабилизирала до нејзиното моментално стабилно сјаење и на тој начин ја исполнил ја планетата со вода.

Новооткриена егзопланета можеби е најдобриот кандидат во потрагата по знаци за живот

Телескопите MEarth-South, сместени во Чиле, се во потрага по планети преку следење на светлината од блиските, мали ѕвезди. Фотографијата направена на самрак ги прикажува осумте 40-сантиметарски телескопи. Заслуги: Jonathan Irwin

Откритието првично беше направено со MEarth, кој го откри првиот знак – карактеристични промени во светлината кога егзопланетата поминува пред ѕвездата. Инструментот HARPS спроведе дополнителни истражувања, кои го потврдија присуството на супер-Земјата. HARPS помогна во детектирање на периодот на орбитирање, масата и густината на егозопланетата. Астрономите проценија дека староста на планетата е најмалку пет милијарди години. Нејзиниот дијаметар е за 1.4 пати поголем од оној на Земјата  – скоро 18.000 километри. Но, со маса скоро седум пати поголема од Земјината, па оттука и со многу поголема густина, се наметнува заклучокот дека егзопланетата веројатно е карпеста, со густо јадро од железо.

Оваа супер-Земја можеби е најдобриот кандидат за идни истражувања откриен досега. Двајца кандидати од тимот, Хавиер Делфосе и Хавиер Бонфилс, заклучуваат: „Можно е да се покаже дека системот LHS 1140 е многу позначајна цел за идно карактеризирање на планетите во зоната погодна за живот, во споредба со Proxima b или TRAPPIST–1. Ова беше извонредна година за истражувачите на егзопланети.“

Набљудувањата кои ќе следат со Вселенскиот телескоп Хабл ќе дадат податоци за тоа колку точно изнесува радијацијата врз LHS 1140b, за да се процени дали е можен живот на планетата.

Во иднина, со новите телескопи (Екстремно големиот телескоп – ELT) би биле во можност да направиме детални набљудувања на атмосферите на егзопланетите, а LHS 1140b е погоден кандидат за тие истражувања.

Ова истражување е објавено под насловот „A temperate rocky super-Earth transiting a nearby cool star“ од Дитман, објавено во списанието Nature на 20-ти април, 2017 година.

Превод. Александра Б.

Извор: Phys

Сподели.