Новооткриениот „супер-Сатурн“ има огромен систем со прстени

0

Астрономите пронајдоа планетарен систем со прстени со огромни пропорции, кој прави оној на Сатурн да изгледа малечок. Прстените се формирале околу млада, џиновска егзопланета J1407b и се првите од ваков вид најдени надвор од нашиот Сончев систем.

Прстените биле откриени во 2012 благодарение на тим воден од Ерик Мамаџек од Универзитетот во Рочестер, но тогаш немале начин да дознаат колку се големи. Оттогаш се здружиле со истражувачи предводени од Метју Кентворти од опсерваторијата Леиден во Холандија за да анализираат 30 индивидуални прстени на J1407b и конечно да ја сфатат вистинската големина на овие концентрични убавци.

Излегува дека секој прстен е десетици милиони километри во дијаметар и дека празнините меѓу нив укажуваат дека цели сателити или егзомесечини се формирале таму исто како многуте мали месечини на Сатурн. Дијаметарот на целиот систем е околу 120 милиони километри.

Планетата е премногу далеку за прстените да можат директно да се видат, па наместо тоа тимот анализирал податоци направени од проектот SuperWASP – истражување кое ги детектира гасовитите џинови што се движат пред нивните ѕвезди и со тоа ја затемнуваат нивната светлина. Во 2012 година биле забележани чудни затемнувања пред млада ѕвезда наречена Ј1407 и се претпоставило дека можеби се предизвикани од диск од кој се создава сателит околу млада планета.

Ова тврдење е поддржано со користење на техники како Доплерова спектроскопија за да се пресмета масата на прстенестиот објект, што значи дека Ј1407 има прстенест придружник наречен Ј1407b. Со помош на варијациите во светлината на ѕвездата при затемнувањето може да се направи детален модел на системот со прстени. Доколку ги замениме прстените на Сатурн со овие, би биле лесно видливи навечер и многу пати поголеми од полната Месечина.

Во податоците исто така е откриена и празнина во структурата на прстените, која е поубаво дефинирана во новиот модел. Едно очигледно објаснување е дека се формирал сателит и ја направил оваа празнина. Масата на сателитот би била помеѓу масата на Земјата и Марс. Неговиот период на орбитирање околу Ј1407b би бил две години.

Превод: Максим Осман-Николов

Извор: Sciencealert

Сподели.