Нови Хоризонти со нова потенцијална цел во прелетот низ Кајперовиот појас

0

НАСА ја избра следната потенцијална дестинација за мисијата Нови Хоризонти по историскиот прелет покрај Плутон на 14 јули. Дестинацијата е мал објект од Кајперовиот појас познат како 2014 MU69 што орбитира приближно 1.6 милијарди километри зад Плутон.

 Уметнички приказ на Нови Хоризонти во прелетот покрај објект сличен на Плутон во далечниот Кајперов Појас. Заслуга: NASA/JHUAPL/SwRI/Alex Parker

Уметнички приказ на Нови Хоризонти во прелетот покрај објект сличен на Плутон во далечниот Кајперов појас. Заслуга: NASA/JHUAPL/SwRI/Alex Parker

Овој далечен објект од Кајперовиот појас (KBO – Kuiper Belt Object) е една од двете потенцијални дестинации која беше препорачана од тимот на Нови Хоризонти. Иако НАСА го избра 2014 MU69 како цел, агенцијата ќе изврши детален преглед пред официјално да одобри проширување на мисијата за извршување дополнителни проучувања.

Навременото избирање на целна дестинација е многу значајно; тимот треба да го насочи Нови Хоризонти кон објектот оваа година со цел да се изведе проширената мисија без прекумерно трошење на гориво. Нови Хоризонти ќе изведе серија од четири маневри кон крајот на октомври и почетокот на ноември за да го постави својот правец кон 2014 MU69, исто така наречен „PT1“ (Potential Target 1 – Потенцијална цел 1). Пристигнувањето до новата цел се очекува да биде на 1 јануари 2019 година. Било кое задоцнување по овој датум би значело трошење на скапоцено гориво и зголемување на ризикот.

„2014 MU69 е одличен избор бидејќи е еден вид на антички објект од Кајперовиот појас, којшто бил формиран во регионот каде што орбитира сега,“ вели Алан Стерн, главен истражувач на Нови Хоризонти, „Исто така, за стигнување до овој објект би се потрошила помала количина на гориво, така што би останало повеќе гориво за прелетот, за понатамошна наука, и поголеми резерви за заштита од непредвидени настани.“

Нови Хоризонти беше дизајниран да прелета покрај Плутоновиот систем и да проучи дополнителни објекти од Кајперовиот појас. Леталото има дополнително хидразинско гориво за прелет покрај KBO; неговиот комуникациски систем е дизајниран да функционира далеку позади Плутон; неговиот систем за напојување е направен да функционира уште многу години; и неговите инструменти за истражувања се дизајнирани да работат со многу пониско ниво на светлина отколку тоа што ќе го искуси за време на прелетот покрај 2014 МU69.

Но не беше едноставна задача да се пронајде објект за прелет. Тимот на Нови Хоризонти ја започна потрагата во 2011 година користејќи ги најголемите телескопи на Земјата и беа пронајдени неколку десетици објекти, но ниту еден не беше достапен со оглед на количината на гориво во леталото.

Со помош на моќниот телескоп Хабл, минатото лето беа откриени пет објекти, кои оттогаш беа сведени на два објекти кои се во рамките на патеката на Нови Хоризонти. Научниците проценуваат дека PT1 е со пречник од околу 45 километри, што е повеќе од 10 пати поголем и 1000 пати помасивен објект од типична комета, како онаа околу која орбитира Розета, но само 0.5 до 1% од големината на Плутон. Како таков, PT1 објектот се смета за типичен примерок на планетите од Кајперовиот појас како што е Плутон.

Нови Хоризонти со нова потенцијална цел во прелетот низ Кајперовиот појас

Патеката на леталото Нови Хоризонти кон неговата потенцијална цел, објектот 2014 MU69 од Кајперовиот појас, познат како PT1 (од анг. Potential Target 1 или Потенцијална цел 1). НАСА мора да одобри било какво проширување на мисијата Нови Хоризонти да проучува објект од Кајперовиот појас. Заслуги: NASA/JHUAPL/SwRI/Alex Parker

За разлика од астероидите, објектите во Кајперовиот појас се загреани само малку од Сонцето, и се смета дека претставуваат добро зачуван, длабоко замрзнат примерок од тоа каков бил надворешниот Сончев систем по неговото раѓање, пред 4.6 милијарди години.

Леталото Нови Хоризонти, кое е оддалечено 4.9 милијарди километри од Земјата во моментов, само што започна да го испраќа збирот од слики и други податоци, зачувани на неговите дигитални уреди за снимање, од неговата историска средба со системот на Плутон. Леталото е здраво и функционира нормално.

Превод: Биљана Велинова

Извор: NASA

Сподели.