Нови докази за потеклото на водата на Земјата

0
Нови докази за потеклото на водата на Земјата

Уметничка илустрација на карпест астероид богат со вода кој се распрарчува поради силните гравитациски влијанија од белото џуџе. Слични објекти од Сончевиот систем имаат донесено голем дел од водата. Извор: Mark A. Garlick, space-art.co.uk, University of Warwick

Доставата на вода на планетите преку комети и астероиди е честа појава и во многу други планетарни системи, исто како и во нашиот. Според новите истражувања се докажува дека ова е начинот на кој водата станала дел од нашата планета. Се претпоставува дека Земјата првично била суво место и присуството на вода е резултат на бројните удари на комети и астероиди.

Според главниот истражувач, д-р Роберто Ради од Универзитетот во Варвик, Англија се потврдува дека астероидите богати со вода како во нашиот Сончев систем не се само исклучок, туку можат да се најдат и низ останатите планетарни системи.

Со опсервации направени со телескопот Хершел (Herchel), кој се наоѓа на Канарските острови, астрономите детектирале огромно количество на водород и кислород во атмосферата на бело џуџе (SDSS J1242+5226). Огромните количества укажуваат дека водата била донесена преку удар на астероид богат со вода. Преку овој процес дел од водородот и кислородот се размешуваат во атмосферата. Астероидот има слична големина на најголемиот астероид во нашиот систем, Церера, со должина од 900 километри. Пронајденото количество вода на белото џуџе претставува околу 30-35% од океаните на Земјата.

Кислородот е релативно тежок елемент, па така тој од атмосферата ќе потоне надолу за одредено време по ударот и нема да биде видлив. Спротивно, водородот е најлесниот елемет и тој секогаш ќе остане да лебди каде ќе може да биде лесно детектиран. Постојат многу бели џуџиња кои се богати со водород во атмосферата и според оваа нова студија ова претставува доказ за честата појава на астероиди и комети со големо количество на вода во својот состав.

Превод: Михаела Стојанова

Извор: Phys

Сподели.