Нова пресвртница во потрагата по вода на далечните планети

0
Нова пресвртница во потрагата по вода на далечните планети

Уметнички приказ на силуетата на далечната планета HAT-P-11b која поминува пред нејзината ѕвезда. Научниците ја набљудуваат планетата во моментите кога преминува пред ѕвездата за да дознаат информации за нејзината атмосфера. Извор: NASA/JPL-Caltech

Астрономите пронајдоа водена пареа во атмосферата на планета околу 4 пати поголема од Земјата. Се наоѓа во созѕвездието Лебед (Cygnus), на 124 светлински години од нас. Ова е досега најмалата далечна планета кај која успешно се идентификувани некои хемиски соединенија во атмосферата.

Откритието на водена пареа и водород во атмосферата на планетата HAT P-11b е одличен примерок за успешната детекција на огромна далечина, базирана на анализите од опсервациите на три различни телескопи на НАСА.

Научниците успеваат да детектираат водена пареа преку набљудување на светлината кога планетата е во транзит. Материјата од атмосферата апсорбира дел од светлината од ѕвездата и тоа ја прави планетата да изгледа како поголема (слично на тоа кога нашето Сонце изгледа поголемо на зајдисонце).

Со прикажување на промените на големината на егзопланетата и нивно поврзување со брановите должини на електромагнетните зраци со кои набљудуваат телескопите астрономите добиваат графикон со кој се гледа колку од зрачењето на ѕвездата се апсорбира од атмосферата на планетата. Обликот на тој графикон може да открие кој хемиски состав е присутен во атмосферата. Колку што е поголема планетата, толку се поочигледни промените во нејзината големина за време на транзитот. Досега, астрономите ја користеле оваа техника за утврдување на атмосферите на неколку гасовити џинови, од типот на Јупитер.

За прв пат беше анализирана атмосферата на планета која е значајно помала. Планетата HAT P-11b има маса околу 26 пати поголема од онаа на Земјата. Со оглед на близината до нејзината ѕвезда, температурата на оваа планета е околу 600°C. Се претпоставува дека има карпесто јадро со дебела гасовита обвивка, составена 90% од водород. Нејзината атмосфера има докази за присуство на вода. Овој пронајдок е одличен примерок со кој ќе може да се развијат и потврдат теориите за настанокот и развојот на планетарните системи. Со ваквите истражувања ќе може да се потврди дали малите планети како Земјата, Венера и Марс имале вода во почетоците на нивната еволуција. Се претпоставува дека колку што е помала планетата, толку поголеми се шансите за изобилство од потешки молекули, како водена пареа и водород.

Превод: Михаела Стојанова

Извор: phys.org

Сподели.